ЗАВРШУВА БЛОКАДАТА НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ Македонските превозници се повлекуваат откако ЕК најави нова стратегија за визи
Бидејќи е добиена потврдата која ја очекувавме за промени, ве информираме дека протестот кој беше организиран од страна на Асоцијацијата Макам-транс на граничните премини ќе биде прекинат од вечерва, 29.1.2026 година од 20 часот за влез и излез од државата, соопшти Макам-транс.
Македонските превозници вечерва во 20 часот ќе се повлечат од блокадите на товарниот дел од граничните премини, одлучи попладнево на состанок Асоцијацијата Макам-транс, откако Европската комисија донесе одлука за носење нова стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи, за престојот од 90 во 180 дена во шенген-зоната.
Со тоа, по речиси четиридневен застој ќе се нормализира товарниот сообраќај на премините „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, „Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“, „Блато“ и „Стење“ за влез и излез од државата.
„Макам-транс“ во објава на Фејсбук наведе дека се повлекуваат од блокадите, бидејќи со одлуката на ЕУ е добиена потврдата која ја очекувале за промени и се заблагодари на сите кои неуморно во изминатите денови ја дадоа својата поддршка и солидарност со блокадата на граничните премини.
– Вашето заедништво и истрајност дадоа резултати. Согласно официјалното известување од министерот за транспорт Александар Николоски, Европска комисија донесе одлука да донесе нова стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кои се соочија професионалните возачи, за престојот 90 во 180 дена. Бидејќи е добиена потврдата која ја очекувавме за промени, ве информираме дека протестот кој беше организиран од страна на Асоцијација Макам-транс на граничните премини ќе биде прекинат од вечерва, 29.1.2026 година од 20 часот за влез и излез од државата. Особено сме благодарни до сите медиумски куќи, портали кои нашата борба ја направија видлива за цела Европа. Заедно сме посилни“ велат од „Макам-транс“.
Транспортерите од Македонија, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина ја почнаа блокадата на почетокот на неделава со барање да бидат изземени од новиот систем за контрола на влез и излез во ЕУ, поради кој се соочуваат со економски штети и со депортации.
Претходно, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави дека Брисел ќе донесе нова стратегија за визи, која ќе значи решавање на проблемот на превозниците што веќе 4 дена ги блокираат граничните премини кон шенген-зоната.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е она што го баравме. По протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисел ќе донесе нова стратегија за визи, која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи“ објави Николоски на Фејсбук.
Извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, при презентацијата на стратегијата за визи на ЕУ и на европската стратегија за управување со азил и миграција, усвоени на денешната седница на Колеџот на комесарите, рече дека со стратегијата предлагаат да разгледаат поголема флексибилност за превозниците, како што рече, секако без да се загрози безбедноста, а во исто време и да не се променат правилата, дури кога станува збор и за безвизно патување.
Таа потенцира дека кога станува збор за прекугранични работници, кои секојдневно ја минуваат границата на ист премин, има исклучоци и флексибилност, но тоа не важи за некои други професии, каде што исто така, се идентификувани предизвици, како што се возачите на камиони, спортистите и уметниците.
– Но, ние го разгледуваме тоа и во оваа стратегија за визи сега се осврнуваме на овој проблем – додаде Виркунен, без да наведе конкретни мерки.
Таа нагласи дека со новиот систем за влез и излез (ЕЕС) не се воведени никакви нови правила кога станува збор за должината за краток престој во шенген-зоната без визи, и натаму останува можноста за престој до најмногу 90 денови во период од 180 денови.
Транспортерите од Србија и од Босна и Херцеговина соопштија дека не се повлекуваат од блокадите.