ЗАВРШНИОТ ЗБОР НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО Е КОНТРАДИКТОРЕН Се потврди дека немаат ниеден доказ против Александар Ѓорчевски, вели неговиот бранител Туфегџиќ
Немаат каков било доказ за некаква конекција и комуникација на Александар Ѓорчевски со Љупчо Палевски, како што стои во обвинителниот акт, вели адвокатот Владимир Туфегџиќ.
Не знам како ќе се произнесе Судот на барањето на обвинителките Александар Ѓорчевски да биде прогласен за виновен. Сите слушнавме денеска дека Јавното обвинителство во завршниот збор го потврди она што го знаеме од првиот ден, а тоа е дека нема никаков доказ за каква било вмешаност и инволвираност на Александар, рече денеска Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на убиената Вања Ѓорчевска (14), по завршните зборови на обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска.
– Немаат каков било доказ за некаква конекција и комуникација со Љупчо Палевски, како што стои во обвинителниот акт. Напротив, завршниот збор на Обвинителството го ценам како контрадикторен сам по себе. На некој начин, директно го опишаа планот и дејствијата на останатите обвинети со кои ЈО докажува дека овие луѓе имале претходно разработен план. Се откажале од првото грабнување, обвинителките ги појаснија причините зошто се откажале и дека реализацијата на планот е довршена во понеделникот на 27 ноември. Никаде не е споменат ниту таткото, ниту каква било конекција со него во врска со извршувањето на кривичното дело. Сè останато е на ниво на шпекулации. Другото што имам ќе го кажам во завршниот збор на 18 јуни – рече адвокатот Туфегџиќ.
Обвинителката во завршниот збор рече дека немаат докази за комуникацијата на Александар Ѓорчевски со првообвинетиот Љупчо Палевски.
– Дали има докази за комуникација меѓу Александар и Палевски? Нема. Но, Палевски е технички подготвен, брише докази, има повеќе телефони, користи разни апликации за разговор, ја избришал комуникацијата – рече Стојковиќ Димитровска.
Но, на минатото рочиште во завршниот збор Жаклина Крстевска Јосифовска кога изнесуваше детали од вештачењето на телефоните изнесуваше и детали од избришани комуникации, па останува нејасно како не се најдени и евентуалните избришани комуникации меѓу првообвинетиот и петтообвинетиот.
Стојковиќ Димитровска истакна дека докази против Ѓорчевски се тоа што во исказот во Обвинителството, непритиснати од никого, тројцата обвинети, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, кажале дека Палевски добивал информации од таткото. Таа не го зеде за вистинито тврдењето на тројцата дека таткото го посочиле под полициска присила и тортура.
– Александар негираше сè. Тој не ги префрлил становите, иако требало. Останатите обвинети ги сменија исказите пред Судот, иако во обвинителството, непритиснати од никого, тие кажаа дека Палевски добивал инфо од таткото. Според доказите, тој знаел дека детето ќе оди само на 27 ноември. И за тортурата не се пожали пред ЈО. До денот на приведувањето, полицијата го третира како оштетена странка. Но, од другите искази на обвинетите произлегува дека учествувал во делото. Нивните искази одговараат на фактичката состојба и нереално е нивните искази да бидат точни во сè, а лажни само за Александар – рече меѓу другото обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска.
Таа побара судот да го прогласи виновен за делото помагање во грабнување.
– Нема потешка казна од загуба на дете и од живот со таква совест како во случајов на таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски. Не тврдиме дека сакал да му го убијат детето, но учествувал во киднапирањето на ќерка си и бараме соодветна казна за тоа – рече обвинителката.