Денеска заврши реконструкцијата на улицата Васил Ѓоргов на потегот од улицата Франклин Рузвелт до булеварот Мајка Тереза, една од главните сообраќајни артерии во населбата Капиштец во центарот на градот.
– Останува уште на Васил Ѓоргов и на некојa од делниците на коишто работевме да се доуредат велосипедските патеки и тротоарите со цел да биде заокружен овој процес. Не застануваме тука, новиот пакет на градот е веќе спремен и во текот на следните дваесетина дена треба да започне продолжувањето на изградбата на булеварот Никола Карев од касарната Илинден до клучката со Момин поток и потоа да влеземе во целосно решавање на сообраќајниот јазол кај клучката со Момин поток што е еден од главните сообраќајни јазли – рече Шилегов.
На улицата Васил Ѓоргов извршена е целосна реконструкција на коловозот во должина од околу 1.000 метри, реконструкција на оштетените делови од тротоарите, заменети се оштетените рабници, како и корекции на крстосницата со улицата Франклинг Рузвелт.
Вредноста на проектот е околу 20 милиони денари со вклучен ДДВ, а реконструкцијата беше завршена во предвидениот рок од 45 дена.