ЗАВРШИ РЕХАБИЛИТАЦИЈАТА НА ПОВРЕДЕНИТЕ ОД „ПУЛС“ ВО ПОНИКВА Пациентите продолжуваат со третман во болниците

Околу 150 повредени од „Пулс“ добија бесплатна рехабилитација на Пониква, продолжуваат третманите во Штип и Кочани.

90

Рехабилитацијата на младите повредени во кочанската дискотека „Пулс“ заврши пред неколку дена во одмаралиштето на Министерството за внатрешни работи на Пониква. Процесот траеше речиси три месеци и опфати околу 150 пациенти, кои добија медицинска, психолошка и физикална поддршка. Ова денеска го потврди началникот на Одделението за физикална терапија во Клиничка болница – Штип, д-р Никола Костадинов.

Според него, пациентите биле распоредени во три групи со двонеделни програми за рехабилитација, под постојан надзор на лекари специјалисти од Клиниката за пластична хирургија во Скопје, како и физиотерапевти од Кочани и Штип.






– Добивме максимум од секој пациент, имаме добри резултати. Кај полесно повредените функциите се враќаат во нормала, а кај потешко повредените заздравувањето е побавно. Најважно е што кај сите процесот оди во нагорна линија – изјави д-р Костадинов.

Тој посочи дека медицинските тимови ќе продолжат со лекувањето и интензивните физикални вежби во Општата болница во Кочани и во Клиничката болница во Штип.

– Моментално во Штип имаме шест пациенти, но со затворањето на Пониква се очекува бројот да се зголеми. Во Кочани, пак, ќе има многу повеќе пациенти на третман – додаде тој.

Проектот за користење на одмаралиштето на МВР како Центар за рехабилитација беше поддржан од Владата, која обезбеди бесплатен третман за сите повредени. Медицинскиот тим што работеше на Пониква, во состав од лекари, физиотерапевти, психолози и медицински персонал, ја оцени програмата како успешна и охрабрувачка за понатамошното закрепнување на младите.

Поврзани содржини