ЗАВИСНОСТА ОД ТЕМУ НЀ ВОДИ КОН ПИТАЧКИ СТАП Македонците збудалеа по евтини производи што не им се потребни
Онлајн платформата Тему за рекордно кратко време се прошири и на Балканот, освојувајќи ги купувачите со ниски цени, агресивен маркетинг и со брза бесплатна достава. Иако нема официјални бројки за корисниците по земји, сепак податоците за количината увезена стока во Македонија и сè поголемата присутност на платформата во регионот покажуваат дека пазарот е во забрзан раст. Регионалните купувачи сè повеќе ги напуштаат традиционалните продавници и се префрлаат на „купување со еден клик“, со сите економски и социјални последици што тоа ги носи.
Во изминативе две години, онлајн трговијата доживеа експлозија на нови платформи, но малку од нив успеаја да се пробијат на глобалниот пазар со брзина и влијание како што тоа го направи Тему.
Со примамливи цени, агресивен маркетинг и умешна психолошка манипулација преку гејмификација, апликацијата успеа да го претвори купувањето во игра на возбуда и моментална награда.
Во само еден месец, низ македонските домови стигнале дури 250 тони пратки – дел бесплатни од царински давачки, дел со платени речиси 700.000 евра увозни давачки.
Овој бран на евтин увоз веќе го притиска локалниот бизнис, го менува лицето на трговијата и отвора прашања за долгорочни економски последици.
Психолозите предупредуваат дека комбинацијата од ниски цени, чувството на итност и визуелната стимулација може да доведе до навика на постојано купување, а економистите гледаат ризик од уште поголема зависност од увозот.
Гејмификација – кога купувањето станува игра
Тему ја воведе таканаречената „гејмификација“ во онлајн шопингот – стратегија со која корисникот не е само пасивен купувач, туку активен учесник во процесот.
Ова вклучува „Тркало на среќата“ и таму секое вртење може да ви донесе купони за попуст или дури целосно бесплатен производ.
Апликацијата доделува и дневни бонуси, односно колку почестно се враќате на Тему во текот на денот, толку повеќе награди и поволности добивате.
И секако, најспецифични се ограничените понуди – пораки од типот „Побрзај, останаа само уште 3“ или „Акцијата завршува за 2 минути и 35 секунди“, кои го тераат корисникот да делува веднаш, без размислување.
Купувачите често ја потценуваат моќта на визуелните и на звучните сигнали во апликацијата. Секој „тик-так“ тајмер или анимација за попуст ја зголемува веројатноста за импулсивно купување.
Според психолозите, ваквите елементи не се случајно избрани, туку тие се резултат на длабоки психолошки истражувања за тоа како функционира човечкиот мозок кога е изложен на награда, притисок од време и илузија на реткост.
– Кога ќе го завртиш „Тркалото на среќата“ и кога ќе добиеш нешто, дури и ако тоа е купон за 1 евро, тогаш мозокот ослободува допамин, хормон кој создава чувство на задоволство. Ова е истиот механизам кој се активира кај играчите на слот-машините во казината. Разликата е што овде „џекпотот“ не е парична добивка, туку евтин производ кој можеби и не ви е потребен во животот, но сепак изгледа како супер зделка – вели психологот Ангела Будиноска.
Таа појаснува дека Тему и сличните апликации користат комбинација од класични маркетинг техники и современи невронаучни сознанија.
– Кога купувањето е претставено како игра, корисникот добива чувство дека не троши, туку дека победува. Ова ја намалува критичката свест. Најдобар начин да се контролираме е да поставиме строги правила за онлајн шопинг – листа на потреби и минимум 24 часа чекање пред завршување на трансакцијата. Купувачите често ја потценуваат моќта на визуелните и на звучните сигнали во апликацијата. Секој „тик-так“ тајмер или анимација за попуст ја зголемува веројатноста за импулсивно купување – вели Будиноска.
Влијанието врз локалните бизниси
Според податоците на Трговската комора, само за еден месец во Македонија се увезени 250 тони стока од Тему – 95 тони се пратки со вредност до 22 евра и тие се ослободени од царински давачки, а 153 тони се пратки за кои се платени вкупно 678.000 евра увозни давачки.
Овие бројки се особено значајни ако се земе предвид дека станува збор за стоки со релативно мала тежина – најчесто облека, модни додатоци, мали апарати, козметика и украсни предмети.
Но, проблемот е во тоа што Тему нуди производи по цени кои често се 50-70% пониски од оние во домашните продавници, а за малите трговци ова буквално значи борба за опстанок.
Домашните компании не можат да им конкурираат на цените на Тему, бидејќи нивните трошоци вклучуваат закупнина, плати, даноци, транспорт, складирање…
– Прометот ми падна најмалку за 30% во последната година. Муштериките што со години ми беа редовни, сега ми признаваат дека нарачуваат производи од Тему. Таму наоѓаат облека за големи жени по смешни цени – понекогаш истата блуза што кај мене чини 1.200 денари, таму е 400 денари со бесплатна достава до дома. Не можам да се борам со тоа. Сега живеам само од жените кои немаат време да чекаат за да им стигне облеката од Тему, па се принудени веднаш да ја набават од мојот дуќан по повисока цена – вели Анита, сопственичка на дуќан за облека за обезни жени.
Овој пример е само еден од многуте во земјава. Сопствениците на локални продавници се принудени да бараат нови начини за привлекување муштерии – преку персонализирана услуга, квалитет што го нема онлајн или лојални програми, но тоа ретко ја надоместува ценовната разлика.
Ако ваквото темпо продолжи, проценките се дека Тему и сличните платформи би можеле до 2030 година да заземат 20-25% од вкупната малопродажба во Македонија, а тоа би предизвикало драстичен пад на бројот на локални продавници, поголема зависност од увоз, намалување на вработеноста, а ќе се наметне и силен притисок врз домашните производители да ја намалат цената на сметка на квалитетот.
Експертите предупредуваат дека ваквата динамика би можела да ја промени структурата на македонскиот пазар – од доминација на физички продавници кон пазар каде речиси сè се купува со еден клик.
Државата треба да го заштити бизнисот
Македонските институции немаат надлежност да ги контролираат увозните производи што се нарачани преку странските онлајн платформи. Увозните производи, пак, што се продаваат во трговските објекти подлежат на сите контроли, што создава нелојална конкуренција, вели Сашо Дукоски, претседател на Трговската комора, во интервју за Блумберг Адриа.
– Нашата држава може и треба да разгледа мерки за заштита на домашните компании, имајќи го предвид искуството на европските земји. Овие мерки треба да бидат балансирани, од една страна да не се нарушат правилата за слободна трговија, а од друга да се создаде фер конкурентна средина – вели Дукоски.
Нашата држава може и треба да разгледа мерки за заштита на домашните компании, имајќи го предвид искуството на европските земји.
Конкретните чекори би можеле да вклучат воведување регулативи за е-трговија што ќе обезбедат транспарентни информации за потеклото на производите, заштита на интелектуалната сопственост, стандардите за квалитет и безбедност, како и обврска за плаќање на сите релевантни даноци и давачки.
– Потребна е поддршка за дигитализација на МСП-секторот, па до промоција на домашното производство преку јавни кампањи и стимулации за граѓаните да купуваат локални производи. Најважно е сепак јакнење на инспекциските служби за да се спречи нелојална конкуренција, особено во делот на неконтролираниот увоз и продажба без соодветни сертификати – објаснува тој.
Некој ќарил, некој изгорел
Во разговор со повеќе купувачи од различни делови на Македонија, станува јасно дека Тему не е само уште една онлајн продавница – за многумина тоа е нова навика, речиси дел од секојдневието.
Искуствата варираат, но заедничкиот именител е дека сите зборуваат за ниската цена и „возбудата“ при нарачката.
Теона, 24-годишна медицинска сестра од Скопје признава дека апликацијата Тему ѝ станала омилен начин за шопинг, до таа мера што сега ретко влегува во продавници.
– Првпат нарачав пред Нова година – украсни светилки за терасата. Ги платив околу 600 денари, а истите ги гледав во продавница за 1.800 денари. Кога ми стигнаа за 10 дена, бев воодушевена. Потоа почнав да разгледувам повеќе, и сфатив дека има сè – од кујнски алатки, преку канцелариски прибор, до гардероба. Почнав со ситници, ама со време нарачував и фустани, јакни, па дури и чевли – вели Теона.
Таа објаснува дека Таму ја привлекува не само со цените, туку и со начинот на кој ја држи активна во апликацијата.
– Секој ден ти нуди нешто ново – бонус поени, вртење тркало, ограничена понуда која трае уште 10 минути… тоа создава чувство дека мораш веднаш да одлучиш, инаку ќе ја пропуштиш шансата. Многу пати ми се случило да купам нешто само затоа што мислам дека е „последно“ или дека цената е „само сега“. Имам добиено и парчиња што не се баш квалитетни, ама ако се сетам дека сум дала 300 денари за блуза, не ми е жал. Сè уште нарачувам, ама се трудам да не купувам импулсивно, барем не секој ден – изјави Теона.
Костадин Георгиевски, 68-годишен пензионер од Скопје, вели дека Тему претставува интересна играчка, но признава дека неколку пати се изгорел.
– Тему е како онлајн верзија на пазар и таму има од игла до локомотива и сѐ изгледа примамливо и евтино. Прво нарачав блутут слушалки за 600 денари и можам да кажам дека имаат одличен звук и батеријата држи долго време. Потоа се охрабрив и нарачав ранец за лаптоп – на сликата беше дебел, обложен и со многу прегради, а кога пристигна беше тенок како шушкава вреќа. Едвај собира лаптоп, а за заштита да не зборуваме. Нарачав и часовник за 500 денари, кој изгледаше прилично елегантно на фотографиите, а во реалност беше пластика со лош мирис. Се расипа по две недели. Секако, за тие пари не очекував швајцарски механизам, ама сепак очекував да го користам барем неколку месеци – раскажува Костадин, додавајќи дека Тему може да биде одличен избор доколку купуваш ситници или нешта што не ти се приоритет.
За скапи и важни работи, додава тој, секогаш ќе изберам да ги видам во живо пред да ги платам.
– Научив дека евтиното некогаш може да излезе скапо, ама и дека ако си внимателен, можеш да најдеш добри зделки – додава нашиот соговорник.
Измамите не се исклучени
Иако Тему е популарен поради ниските цени и големиот избор, дел од македонските купувачи веќе имаат непријатни искуства кои граничат со измама.
Еден таков случај е на Дејан од Скопје, кој решил да ја надополни својата кујна со нов сет садови и прибор.
– Го видов огласот – изгледаше како супер зделка: 20 парчиња кујнска опрема за 1.200 денари. На фотографијата имаше тенџериња, тави, лажици, па дури и даска за сечење. Ја платив нарачката и чекав две недели. Кога пратката конечно пристигна, сфатив дека сум измамен. Добив кутија, а внатре во кутијата имаше ламирана слика на која е прикажана истата кујнска опрема од рекламата. Прво помислив дека е некаква грешка, дека дел од пратката недостига. Но кога го прочитав текстот со ситни букви во описот на производот – сфатив дека сум се залажал. Пишувало „кујнска декоративна постер-слика“… само што тоа беше сокриено меѓу другите информации. Тоа е чиста измама – вели Дејан.
На социјалните мрежи кружат десетици објави од луѓе кои добиле минијатурни верзии на производите, предмети со сосема друга намена или евтини копии кои не личат на она што било претставено на фотографиите.
Експертите за е-трговија предупредуваат дека ваквите случаи често се должат на нејасни или намерно збунувачки описи. Купувачите, заведени од големите фотографии и од примамливата цена, не секогаш ги читаат деталите до крај.
@kayintherye Don’t trust these prices guys🙄 #temu #fail ♬ Funny video “Carmen Prelude” Arranging weakness(836530) – yo suzuki(akisai)
@wecheckit “There isn’t even enough space for a paper ball in here. That’s how small the bin is.” Shopping with TEMU #temu #funny #fail ♬ Originalton – Comedy 🎭🤣
Зошто е толку евтино?
За разлика од класичните малопродажни синџири и е-продавници со посредници, Тему ги поврзува производителите од Кина и други земји директно со крајните купувачи. На тој начин се елиминираат трошоците за складирање кај локалниот продавач, маржата на трговецот и потребата од физички продавници. Целиот процес е дигитален – од избор на производ, преку плаќање, до доставата – што значи помалку фиксни трошоци и поголема флексибилност.
Најкупувани производи на Тему од Македонија
Според податоци од логистички компании што посредуваат при испорака, во првите шест месеци од 2025 година Македонците најмногу купувале:
Облека и обувки – особено спортски сетови, маици со принт, јакни и облека за поголеми големини.
Мали електронски уреди – безжични блутут слушалки, полначи, паметни часовници, дронови.
Додатоци за домот – кујнски алатки, украси, постелнини, роботи.
Играчки за деца – сетови за градење, интерактивни играчки.
Козметика и лична нега – маски за лице, четки за шминка, препарати за коса.
Понудата не е случајна, туку е внимателно избрана според она што во моментот се бара. Платформата користи алгоритми кои во реално време следат трендови и ја прилагодуваат понудата кај производителите, така што се произведува само она за кое има сигурна продажба. Ова значително ги намалува ризиците од непродадени залихи и непотребно складирање. Дополнително, Тему е дел од корпорацијата „PDD Holdings“, која има моќ да прави масовни нарачки директно од фабриките по цени што се недостижни за индивидуални или за помали продавачи.
Логистичкиот процес е уште една причина за ниските цени. Пратките за Македонија, на пример, не доаѓаат директно од Кина, туку прво се испраќаат во Унгарија или во друга земја во Европската Унија, каде се групираат и дел од царинските процедури се завршуваат под поволни услови. Оттаму, локални партнери ја вршат дистрибуцијата, што ја намалува цената и го скратува времето на достава.
Во моментов, Тему работи со стратегија на агресивен влез на пазарот. Компанијата свесно прифаќа да губи пари по секоја трансакција на новите пазари, со цел да ја изгради својата корисничка база и да ја наметне платформата како прв избор за онлајн купување. Бесплатната достава, честите купони и бонуси не се одраз на реалната цена на услугата, туку дел од маркетинг буџетот.
За разлика од конкуренцијата како АлиЕкспрес или Виш, Тему не се потпира само на ниски цени и на огромен асортиман, туку го интегрира чувството на игра, итност и персонализирана понуда. Оваа комбинација е она што ја прави платформата толку привлечна, но истовремено и толку предизвикувачка за локалните бизниси кои тешко можат да се носат со вакво темпо и структура на продажба.