Завештанието на Ванчо Михајлов

Треба ли македонската јавност „непремено“ да биде запозната со какви имиња и со какви програмски цели се регистрирани денешните здруженија на граѓаните кои себе се декларират како Бугари, или тоа ќе го дознаеме и слушнеме од нив кога ќе бидат со „добредојде“ внесени во Уставот?

5,300

Пред смртта, на 5 септември 1990 година, Ванчо Михајлов со псевдоним „Радко“, го напиша тестаментот, во кој, како завештание, на своите следбеници им ја остави неостварената желба – „Бугарија да се пробие во македонските области…“, и „да се прошири и во јужните и во западните македонски области, кои претежно се населени со Бугари, чии граници беа омеѓени уште пред 100 години. Во интервалот што го дели тој миг од сегашниот, макар времено, може да се примени следниов преоден компромис: – Обединета Македонија да биде во рамките на Бугарија и тоа со своите географски граници… Македонската нација и македонскиот јазик не постојат. Тие се измислица на српските фантазери, што ја искористуваат како аргумент пред луѓето, кои добро не ги познаваат ни минатото, ни иднината….“.

Сегашната бугарска власт, се обидува, со начини за кои таа смета дека се пристојни, доследно да го спроведе завештанието, држејќи се строго за оваа тестаментална порака. Ништо поинакви не се ни намерите на намножените здруженија на граѓани декларирани како Бугари, кои диригирани од Софија и со зголемен буџет за нивната навална пропаганда и опстојба во Македонија, бараат веднаш да бидат внесени во Уставот на Македонија, и во тековните преговори меѓу двете држави, како фактор, да бидат вклучени…






Нашава – во два спротивни правци затрчана Влада, со исполнување на ова уценувачко барање, кое не е наивно, без реципроцитет, го трасира патот врз кој ќе се постели картата на аманетот. Во македонскиот Устав кој веќе личи на санаториум, се отвора уште една расцветана рана, со тоа што, во парламентот ќе се појави и бугарска партија со свој пратеник–ци, кои бугарската власт ќе се потруди да ги има и тоа „моделирани по европски терк“, и во државата, наместо еден, ќе имаме на една страна два навални, рогати тима, кои, кога треба и за тоа што им треба, меѓу себе ќе се сложат, братски, како некогаш…

Во 2000 година, заедно со двајца колеги адвокати, бар, го одложивме почетокот на извршувањето на завештението… До денес се чудам и не можам да се изначудам, како… како е можно – во суверена и независна држава Македонија, во Основниот суд во Охрид, во 2000 година, едно Здружение на група граѓани, со отворена програмска непријателска определба за продолжување на терористичката и профашистичката дејност на В. Михајлов и тоа во Македонија, да биде регистрирано под името „Радко“, во македонски суд и на таквото Решение, да стои потпис од македонски судија кој е избран да го чува Уставот и да ги спроведува законите на државата Македонија?! Не мора многу да се анализира оваа дрскост, за да се „трефне“ кој ги поддржа од внатре.

Веднаш по таквата регистрација, како потписници на писмена Иницијатива, се обративме:

До Уставниот суд на Република Македонија – Скопје

ПРЕДМЕТ: Иницијатива за поведување на постапка за оцена на уставноста и законитоста на Статутот и Програмските цели на Здружението на граѓани „Радко“, конституирано во Охрид, на 24.05.2000 год., запишано во Регистарот на Здруженија на граѓани и фондации, по Рег.ЗФР. бр.18/2000, на ден 19.06. 2000год., со Решение на Основниот суд во Охрид.

Здружението на граѓани „Радко“, чија регистрација со оваа иницијатива се оспорува, е конституирано во Охрид, на ден 24.05.2000 година.

1. Името на Здружението е земено по „најчесто ползуваниот псевдоним на Иван Михајлов „Радко“, бидејќи „неговото име, неговиот живот, неговата револуционарна дејност и, посебно, неговата културна и публицистичка актива се непремено вткаени во историјата на Македонија“ и „остави завештание на поколенијата да го довршат светото ослободително дело.“ Токму „Иван Михајлов долго стоеше на чело на Движењето (1925 – 1990), опстојувајќи и дејствувајќи како морален и интелектуален столб на револуционерната и културната борба на БОЛГАРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА“. Во програмскиот текст стои и дека: „неговите публикации се најавтентично и најавторитативно свидетелство за идејната содржина на македонското ослободително движение,“ и „со својата фактографска заснованост тие остануваат историски источник од неоспорен научен формат. Затоа, во неговата писмена оставштина на денешните и идни поколенија им ги приопштува најсигурните доказателства за револуционерната и културната борба на БОЛГАРИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА“.

2. Здружението има за цел:

– Издигнување и афирмација на македонското културно пространство, со приоритет на културно-историскиот идентитет на СЛАВЈАНИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА; КОИШТО ПРЕЗ ВЕКОВИТЕ СЕ ПРОЈАВУВАЛЕ КАКО БОЛГАРИ…

– Афирмација на идеите на македонското ослободително движение.

3. Здружението своите цели ги реализира преку:

– Сопствена книгоиздавачка дејност, издавање сопствен весник и сопствени електронски медии;

– Организирање на конференции, семинари и трибини со учество на видни научни и културни дејци од земјата и странство….“.

Од погоре наведените извадоци од Статутот и актите врз основа на кои е регистрирано Здружението, произлегува дека целите на истото се инфилтрирање бугаризми во македонскиот јазик и правопис, па дури и отфрлање на правилото за едначење по звучност, сето тоа со тенденција да се пишува според бугарскиот правопис. Ако Македонскиот правопис е закон, тогаш тоа е подложно и на санкции.

На сите документи Здружението го става како свое и знамето на Ванчо Михајлов (црвено-црно) со лавот, – истото со она на софиското ВМРО и со она на ВМРО-ДПМНЕ по Кичевскиот конгрес (1995 год.,), кога Љ. Георгиевски се прогласи за наследник на В. Михајлов и ги продолжи неговите конгреси, прогласувајќи го својот Втор конгрес во Кичево, како Десетти.

Претседателот на Здужението Владимир Паунковски уште пред неколку години во Охрид најави БУГАРСКА ПАРТИЈА, но не му беше регистрирана, а по некои пробугарски манифестации – избега во Бугарија и зеде бугарско државјанство и во органите на тамошното ВМРО даде отворени антимакедонски декларации, менувајќи си го презимето во „Панков“. Може ли тој сега да се појавува како претседател на Здружението на „Болгарите“ во Македонија, кое има за цел да го продолжи „ослободителното дело“ на Ванчо Михајлов? Нели е тоа револуционерно здружување за продолжување на терористичката и профашистичка дејност на Михајлов? А што е најважно – кое е тоа свето револуционерно и ослободително дело кое што треба да се продолжи во Р. Македонија и кој, и од кого да се ослободи?

Оспорените акти на Здружението на граѓани „Радко“ се спротивни на Уставот на Република Македонија и тоа на чл. 20, алинеја 3, поради следното:

– Здружението пропагира дејствување со сите можни средства на Ванчовата идеологија за промена на националната свест на македонскиот народ, во полза на туѓа национална свест, нешто што значи рушење на македонското национално ткиво и поттикнување и разгорување на националната омраза и нетрпеливост во државата.

– Здружението го рехабилитира и го легализира тероризмот и фашизмот, кои беа најсуштествена карактеристика на дејноста на Хитлеровиот соработник Ванчо Михајлов, како „свето ослободително дело…“ кое со завештение им го остави на НЕКОИ, да го довршат. Таквото воскренување на неофашизмот, Европа не го прифаќа.

– „Славјаните од Македонија, коишто през векови се појавувале како Болгари“… во Р. Македонија се непознати. Не постојат како нација, националност или било каков ентитет со легитимитет. Во Македонија има Македонци, а може да има Бугари, Срби…, како припадници на друг народ и нација, но во никој случај нема „СЛАВЈАНИ ОД МАКЕДОНИЈА – БОЛГАРИ“.

Поради причините изнесени погоре, ПРЕДЛАГАМЕ:

Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оцена на уставноста и законитоста на Статутот и програмските цели на Здружението на граѓани „Радко“, регистрирано со Решение на Основниот суд во Охрид, во Регистарот на Здруженија на граѓани и фондации, по Рег.ЗФР.бр. 18/2000 год., и да донесе Одлука дека истите се спротивни на чл.20, алинеја 3 од Уставот на РМ, со што, ќе ги поништи истите, а Здружението ќе се избрише од судскиот регистар.

Подносители…

Со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.168/2000 од 21.03.2001 год., ПОНИШТЕНА е Програмата за работа и Статутот на Здружението на граѓани „Радко“.

Треба ли македонската јавност „непремено“ да биде запозната со какви имиња и со какви програмски цели се регистрирани денешните здруженија на граѓаните кои себе се декларират како Бугари, или тоа ќе го дознаеме и слушнеме од нив кога ќе бидат со „добредојде“ внесени во Уставот?

Поврзани содржини