Завеса или ако се праша народот…
Во молитвите, спуштањето на завесата е еднакво на она сеопфатно, многузначно но и мистериозно – амин!
Како и во секоја добра претстава – а нашава дефинитивно беше/е таква – после епилогот што трае еве неколку години, се спушта завесата. Таа по правило означува крај на (кај нас) една долга, на мигови напорна и често збунувачка трагикомедија викана транзиција, а може да сугерира и конечен завршеток на залудните надежи за нормално, демократско, цивилизирано општество. Во молитвите, спуштањето на завесата е еднакво на она сеопфатно, многузначно но и мистериозно – амин!
А сепак, нашата „молитва“, долга речиси три децении, остана игнорирана. Од сите. Оттука, завесата спуштена преку новиот борбен лозунг на македонската социјалдемократија дека народот греши и кога е во право, е логичен след на нештата. Не се надевавме на таков крај? Да, надежта, велат, последна умира! А не така одамна, еден друг социјалдемократ, ни ја подметнуваше обратната верзија: дека народот е во право и кога греши. Беше ли тоа лажна надеж, за сега да ни се каже дека ние како граѓани – секогаш грешиме? Сигурно. Но, значи ли тоа дека сме грешеле и при изборот и на оваа власт којашто, како и другите, секогаш се повикува на легитимитетот добиен токму од – народот?!?
Затоа, моите – и не само моите – критички и често гневни изливи за односот (и) на оваа власт кон граѓанинот, неговото секојдневно понижување, игнорирање на неговата волја и барања, сега се покажуваат оправдани. Но, укажувањата на дел од јавноста на морбидните авторитарни симптоми околу нас, показатели на едно непосакувано и веќе одамна непрепознатливо општество, очигледно биле залудни.
Политикантските коморбидитети што го следат (квази)демократскиот процес во Македонија еве веќе цели петнаесетина години не дозволија вистинската демократијата да се раскрили, да земе замав и точна насока: автократските коруптивно-криминални ниски страсти веднаш се сплотуваа и го забрзуваа сопирањето на процесите. Ги потенцирам токму овие автократски пориви зашто тие се директниот и можеби најсилниот опозит на демократијата, со особено плодна почва кај нас. Вирее како луда, автократијата.
Дури и таму каде што не сте се надевале, таа очигледно дремела добро сокриена и подготвена да интервенира во најпогодниот миг, да го покаже своето грдо лице и да предупреди дека нема лесно да се ослободиме од неа. Следствено, дали се автократските пориви кај македонските политичари главната сопирачка на демократијата и од таму ли потекнуваа(т) сите недемократски пројави? Па следствено, на нив се надоврзуваат криминално-коруптивните процеси во судството, во извршната власт, во Собранието, во институциите?
Да си ги припишете себеси сите позитивни – дури и ако навистина ги имало! – резултати во оваа проклета вечна транзиција, а да го обвините народот за сите промашувања, е невидено лицемерие, современо соживување со онаа налудничава Луева l’etat c’est moi. Но и прашањето: како дојдовме до ова, и зошто? Прашање за сите граѓани на оваа држава, без разлика на етничката, верската, родовата и друга припадност. Дали, впрочем, претстојните уставни измени ќе се движат и во оваа насока: да ја укинеме демократијата – ионака ја нема(в)ме, да го укинеме и народот – ионака постојано греши, да ја устоличиме криминалнава клика и нивните кербери како единствени меродавни претставници на државата?!
Извор: Теодосиевски уметност