ЗАТВОРЕНИК ОД „ИДРИЗОВО“ ЈА ДОБИ ПРАВДАТА ВО СТРАЗБУР Му била извршена тортура од командир
Европскиот суд за човекови права утврди повреда на член 3 од Конвенцијата поради нечовечко постапување врз Фитим Муслиу во КПД „Идризово“. Македонија треба да му исплати отштета на Муслиу, а според Стразбур државата има обврска да спроведе ефективна истрага за случајот со тортура од страна на полициски командир.
Македонија се обврза да му исплати 11.295 евра отштета на затвореникот Фитим Муслиу кој ја тужеше државата пред Европскиот суд за човекови права жалејќи се дека бил тепан од полицаец во затворот „Идризово“. Судот во Стразбур пресече во корист на Муслиу, информираа Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Се работи за настан од 3 август 2020 година пред затворската кантина во „Идризово“. Муслиу се жалеше дека бил изложен на тортура од командирот на полицијата стекнувајќи се со телесни повреди и дека властите во Македонија не спровеле ефективна истрага.
Судот во Стразбур вели и дека пресудата не ја ослободува Македонија од обврската да спроведе истрага, конкретно дека е прекршен членот 3 од Европската конвенција за човекови права, за што се жалел Мислиу.
„Оваа одлука ги потврдува долгогодишните системски недостатоци во затворскиот систем, како и неефикасноста на внатрешните и надворешните механизми за пријавување и гонење случаи на тортура и нечовечко или понижувачко постапување кон осудените лица“, децидни се МЗМП и Хелсиншкиот комитет во врска со случајот.
Соочена со доказите, Владата доставила унилатерална декларација до Судот во која признала повреда на член 3 од Конвенцијата за човекови права. Државата се обврзала да му исплати на Муслиу обештетување од 11.295 евра за нематеријална штета. Иако апликантот не бил целосно задоволен, Судот одлучи да го затвори предметот по ова признание.
Оштетениот бил застапуван од адвокат Диме Ѓорчевски од Скопје, член на тимот на адвокати на МЗМП.