Затворена врата за македонски азиланти во ЕУ

За барателите на азил од Македонија се отфрлуваат речиси сите барања, така што во 2022 година само еден процент од пријавените македонски азиланти добиле заштита во ЕУ.

1,172

Бројот на баратели на азил во ЕУ со потекло од Македонија е во силен пораст. За разлика од 2020 година, кога бројката изнесувала 1230, вклучувајќи ги барањата поднесени за првпат, но и повторените, во 2022 година  бројката е петкратно зголемена, така што лани од страна на македонски граѓани во ЕУ биле поднесени нешто помалку од 6500 азилантски барања. Трендовите од изминатите години покажуваат дека на подрачјето на Западен Балкан само од Албанија е забележан поголем азилантски бран, преку 13.000 поднесени барања лани, додека во останатите западнобалкански земји бројката азиланти во ЕУ во истиот период била речиси двојно помала.

 

Но анализите на Европската агенција за азил ги потврдуваат и веќе познатите факти, дека причините што граѓаните од Западен Балкан ги наведуваат во различни ЕУ-членки, мошне малку резултираат со позитивен исход, односно со помалку од четири проценти, земено вкупно за целиот регион, (со исклучок на албанските азиланти, на кои лани им биле одобрени околу 6 отсто од поднесените барања). За барателите на азил од Македонија, пак, се отфрлуваат речиси сите барања, така што во 2022 година само еден процент од пријавените македонски азиланти добиле заштита во ЕУ.

 






Кои се причините толкав број на македонски азиланти и понатаму да се обидуваат да ја испробаат среќата за да им се признае азилантски статус во ЕУ? Се чини дека не е толку тешко да се најде одговор за тоа. Во 2022 година во ЕУ се регистрирани 50 проценти повеќе баратели на азил од претходната година, односно околу еден милион азиланти, а што е најголема бројка по т.н. бегалска криза во 2015/2016 година, кога по бегалските рути во ЕУ влегле преку 1.350.000 азиланти. Мнозинството лани дошле од Сирија, Авганистан и Турција. Според Европската агенција за азил, таквиот пораст се објаснува делумно со тоа што се укинати корона рестрикциите, а делумно и со тоа што оружените конфликти и недостигот од храна ги засилиле миграциите. Инаку, кон минатогишната сума на азиланти во ЕУ, не се вброени и околу четири милиони Украинци, што побарале заштита во ЕУ-членки по рускиот напад на Украина.

 

Албанија и Македонија, како и нивните западнобалкански соседи, кои прават напори за забрзување на преговорите за членство во ЕУ, се на листата на „сигурни земји“, така што нивни граѓани имаат најмалку шанси да добијат каква било меѓународна заштита или статус на азиланти. Статистиката јасно го потврдува тоа. Македонците имаат најниска стапка на одобрување на азил во Унијата – само еден отсто.

 

Но и покрај тоа, се чини дека македонските апликанти ништо не ги одвраќа да поднесат барања за азил, кои во релативно брза постапка им се одбиваат како очигледно неосновани, бидејќи се смета дека доаѓаат од земја во која нема политички прогон и каде што постојат можности да добијат заштита од државните институции. Таквите апликации, кои во најголем дел всушност се мотивирани како „бегство“ од сиромаштијата, по бирократска процедура на разгледување и проверка завршуваат во сферата на „социјален туризам“. „Зошто човек да не се обиде, ништо посебно неможеш да изгубиш“, – би рекле многумина што се решаваат на таков очајнички чекор.

 

Мигрантската криза, која во 2015 година сериозно ги разниша темелите на европската соработка, се наметна како еден од клучните предизвици во ЕУ. Европа која е подготвена да направи сè за да ги спречи масовните мигрантски бранови станува изложена на притисоци и уценувања, и со тоа се соочува со ризици да ги поткопа вредностите какви што се демократијата, безбедноста и мирот во соседството. Иако ЕУ, за разлика од Турција, прими далеку помал број мигранти, стравот од нови мигрантски бранови резултираше со договор со кој Турција доби шест милијарди евра за да ги задржи бегалците пред своите граници.

 

Стравот од масовен прилив на мигранти функционира како политички силна алатка што ја прави ЕУ ранлива на закани и уцени. Токму затоа се стравува дека Унијата е подготвена да дејствува во спротивност со своите вредности и интереси, воспоставувајќи соработка со авторитарни политички сили, со цел да придобие други земји да ја извршат таа, според многу нешта, валкана работа, и да ги спречат мигрантите во нивните намери да се упатат кон Европа.

 

Но напливот на бегалци не се случува само преку Турција, или со гумени чамци преку Средоземното Море. Зголемувањето на бројот на азилантски барања од т.н. „сигурни земји“ сè поизразено е проследено со намалување на толеранцијата и разбирањето за нивните „тенки“ причини за барање заштита. Од Албанија, на пример, околу 50.000 лица барале азил во Германија, среде мигрантската криза во 2015 година. Мнозинството од нив биле принудени да се вратат дома, но многумина се обидуваат, слично како и Македонците, да аплицираат повторно откако ќе бидат одбиени.

 

Францускиот претседател Макрон пред неколку години иницираше законски промени со цел да се заострат можностите за мигрантите да останат во Франција, поаѓајќи од фактот дека голем дел од Французите се изјаснуваат за поцврст пристап во третманот на бегалците и мигрантите. Околу 100.000 лица поднеле барање за азил во Франција во 2017 година, а најголема група меѓу нив, неочекувано, биле Албанци. Кога Макрон се закани со вето за почеток на преговорите со Македонија и Албанија, рече дека недостига поддршка меѓу Французите за прием на нови членки во ЕУ. Притоа како пример ја наведе Албанија, чии граѓани во голем број бараат азил во Франција. Поддршката да се внесе Албанија во членството на ЕУ, истакна тогаш Макрон, не би можел лесно да им ја објасни на своите граѓани.

 

Во некои ЕУ-членки, како, на пример, во Данска, се доделува финансиска поддршка за враќање во таковината, за оние што добиле дозвола за престој, но сакаат да се вратат во своите земји. Со таков вид поддршка еден полнолетен мигрант во Данска може да добие околу 20.000 евра, со можност да му се одобрат уште 4.500 евра за транспорт на покуќнина. Последниве десетина години меѓу 300 и 500 лица годишно добиле таква поддршка да се иселат од Данска. Нешто слично сега се подготвува и во Шведска, иако сумите што се наведуваат во медиумите ќе бидат мошне пониски. Во секој случај, подготвеноста да им се „помогне“ на бегалците и мигрантите, на оние што сакаат да се вратат во својата татковина, постепено се зголемува.

 

Сосема е извесно дека прашањето на азилантите од Западен Балкан нема да ги заобиколи пристапните преговори за членство на Македонија и Албанија. Но желбата на многумина алабански и македонски граѓани да ја напуштат својата земја поради економски причини и нефункционалната демократија, поради бесперспективноста и отстуството на верба во иднина, нема брзо да згасне. Во 2015 година во ЕУ се регистрирани рекордно многу азиланти од Македонија, околу 15.600, а потоа таа бројка постојано се намалуваше до 2020 година, на “само“ нешто повеќе од 1200. Порастот сега повторно бележи брз нагорен тренд, како што тоа јасно го покажуваат најновите статистички податоци. Прашање е со колкава доза на оптимизам би можело да се верува дека таквиот нагол пораст на македонски азиланти во ЕУ ќе подзапре во наредните години.

Поврзани содржини