ЗАТВОР ДО 10 ГОДИНИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА СНИМКИ СО СЕКСУАЛНА СОДРЖИНА Строги казни за одмазничка порнографија, монтирање лажни секс-снимки, уцени и за злоупотреба на деца
Во измените на Кривичниот законик, што се поднесени на усвојување во Собранието, предвидено е ново кривично дело, Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио записи или списи со сексуално-експлицитна содржина, со затворски казни од една до 10 години.
Одмазничката порнографија, злоупотребата на приватна снимка, монторањето на сексуални снимки, како и злоупотребата на деца за произведување сексуални снимки, отсега многу строго ќе се казнува, со затворска казна од една до 10 години.
Во измените на Кривичниот законик, што се поднесени на усвојување во Собранието, предвидено е ново кривично дело, Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио записи или списи со сексуално-експлицитна содржина.
Предлагачите на законските измени, група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, наведуваат дека поради злоупотребите на приватноста и утврдените правни празнини, недвосмислено се
наметна потребата за воведување на ова кривично дело.
„Со тоа, предложеното кривично дело во законското битие како објект на заштита ја има приватноста, а елементот на дејствие на извршување претставува сторителот на трето лице да му направи достапна видео или друга снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално-експлицитна содржина, без согласност на лицето на кое тој спис се однесува, односно без согласност на лицето кое е прикажано на снимката, фотографијата или чиј глас е снимен на аудиозаписот“, се вели во предлог-измените на КЗ.
Конкретно, новиот член 152-а гласи:
(1) Тој што на трето лице ќе му направи достапна видео или друга снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално-експлицитна содржина, без согласност на лицето на кое тој спис се однесува, односно без согласност на лицето кое е прикажано на снимката или фотографијата или чиј глас е снимен на аудиозаписот, ќе се казни со затвор од една до 5 години.
(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што со употреба на компјутерски систем или на друг начин ќе изработи нова или ќе промени постоечка видео или друга снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално-експлицитна содржина која се однесува на некое лице и ќе ја употреби таквата снимка, фотографија, аудиозапис или спис или ќе ги направи достапни на трето лице.
(3) Со казната од ставот(1) на овој член ќе се казни и тој што се заканува на друг дека ќе ја направи достапна за трето лице негова видео или друга снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина.
(4) Тој што делото од ставовите (1) и (2) на овој член ќе го изврши на начин поради што видеото или другата снимка, фотографијата, аудиозаписот или списот со сексуално експлицитна содржина станале достапни на повеќе лица, ќе се казни со затвор од една до 8 години.
(5) Ако делото од ставовите од (1) до (4) на овој член е сторено спрема дете, извршителот ќе се казни со затвор од 3 до 10 години.
(6) Ако делото од ставовите од (1) до (5) на овој член го стори службено лице во вршење на
службата, за делото од ставовите (1), (2) и (3) од овој член ќе се казни со казна затвор од една до 10 години, за делото од ставот (4) на овој член со казна затвор од 3 до 10 години, а за делото од ставот (5) на овој член, со казна затвор од најмалку 4 години.
(7) Видеата или другите снимки, фотографиите, аудио записите и списите, како и посебните уреди со кои е извршено кривичното дело се одземаат.