ЗАСЕГА НЕ СЕ УКИНУВА МОЈДДВ Петрова оцени дека мерката не ги дала очекуваните резултати
Директорката на Управата за јавни приходи рече дека мерката, која беше воведена во 2019 година, требаше да доведе до намалување на сивата економија преку фактот што секој граѓанин го поставува во улогата на даночен инспектор.
Не е разговарано за евентуално укинување на „Мој ДДВ“, но треба да се анализира дали мерката ги дава резултатите за кои беше воведена, вели директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова.
Таа вели дека не може да каже дека има одлука за укинување на мерката.
– Меѓутоа, кога се работи за таква мерка за која се трошат јавни средства, секако дека треба да се погледне и да се разговара за ефикасноста на мерката и дали мерката ги дава целите заради кои што била воспоставена. Преку оваа мерка, на квартално ниво за 2025 година, се издвојуваат околу 14,5 милиони евра за, во просек, околу 502.000 корисници. И овој износ секоја година се зголемува во однос на претходните години. Се зголемува и бројот на корисници, но поради тоа што се зголемува и наплатата на приходот, во просек можеме да кажеме дека за оваа мерка се издвојуваат околу 4% од годишната наплата на ДДВ приход или тоа е еквивалентно на приближно половина месечен ДДВ приход – рече Петрова во гостување на телевизија Телма.
Таа рече дека мерката, која беше воведена во 2019 година, требаше да доведе до намалување на сивата економија преку фактот што секој граѓанин го поставува во улогата на даночен инспектор.
-Ако од тој аспект сакаме да ја процениме мерката, состојбите кои што ги гледаме на терен и состојбите кои што можеме да ги забележиме и внатре, врз основа на сите податоци со кои што располагаме, јасно водат до заклучок дека мерката не го дала посакуваниот ефект- нагласи Петрова.