ЗАРОБЕНА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТИЈА Бихаќка на далечинско и егзодусот на сопственото членство
Филипче можеби е претседател на хартија, но останува странец во сопствените редови сè додека не собере храброст да го исклучи ресиверот од Струмица.
Македонската политичка сцена одамна не видела потажна слика од денешната состојба во СДСМ. Партијата која некогаш се гордееше со својата државотворност, денес наликува на акционерско друштво во длабок стечај, каде стечајниот управник се обидува за себе да го земе последниот преостанат мебел, додека вистинските сопственици (членството) се оставени пред затворени врати.
Констатацијата на пратеникот со најдолг стаж, Антонио Милошоски, дека „некој друг го држи далечинското во рацете“ не е само обична политичка констатација или гола провокација. Тоа е дијагноза за клиничка смрт на политичката автономија кај Венко Филипче.
А можеби токму во таа зависност однадвор и лежи одговорот за неговата парализираност, за отсуството на нови идеи и јасни политички насоки и за онаа неубедлива надобудност што на моменти преминува во нападност, која всушност прикрива вештачка самоувереност.
„Заевизмот“ како невидлив оков
По сè изгледа, проблемот на Филипче не е во неговиот вокабулар, туку во неговиот надреден. Јавна тајна е дека Бихаќка од поодамна е испостава на Струмица. Секоја изјава, секое кадровско решение и секој „опозициски“ чекор, гледано отстрана, изгледаат како претходно одобрени од оној кој формално замина, но суштински никогаш не го испушти од раце далечинското.
Трагедијата е што Филипче, во својот обид да изгледа како лидер, се претвори во најобична батерија која полека се троши за да ја одржува во живот илузијата дека „заевизмот“ сè уште е релевантен фактор. Но, во политиката, батериите што брзо се трошат брзо и се менуваат.
Судирот на „старото“ со „постарото“
Онака како што денес стојат работите, заборавете на приказните за „млади и нови сили“ во СДСМ. Тоа е евтина шминка за наивни гласачи и за сопственото членство. Внатре во СДСМ не се случува идеолошка обнова, туку брутална војна за преживување меѓу две подеднакво лоши опции: групацијата на членови кои сè уште слепо ги извршуваат наредбите и упатствата што во најголем дел доаѓаат однадвор, и оние „постари“ членови кои, иако доцна, се обидуваат да се извлечат од прегратката во која некогаш им беше мошне удобно. Секоја чест на неколкуте исклучоци меѓу скопските некогашни партиски функционери кои останаа доследни на своите партиски ставови и принципи до ден-денес.
Да се разбереме ова не е борба за иднината на Македонија, ниту натпревар кој повеќе се грижи за државата и за партијата. Ова е борба за контрола врз партискиот печат во моментот кога на врата ќе затропаат истрагите и предистрагите за кои сè погласно се зборува во јавноста. Агресивноста кон „дисидентите“ во сопствените редови и кон секој што мисли поинаку е само маска за длабок страв и тоа страв од губење на позицијата, влијанието и контролата. Тоа не е ништо ново. Истата матрица ја гледавме и во времето на Груевски, кога партиските неистомисленици се прогласуваа за непријатели на државата и на партијата, а секоја критика се третираше како предавство и колаборација со политичкиот противник. Искуството покажува дека нервозен лидер не води дебата, тој навредува, етикетира и заплашува. Во СДСМ денес не се дебатира, туку само се испуштаат крици на немоќ.
Но проблемот на СДСМ денес не е само во контролата, туку и во политичката празнина. Партијата не нуди ниту јасна визија, ниту препознатлива политика, ниту кредибилна алтернатива. Токму затоа, секој успех на власта (било на домашен, било на меѓународен план) предизвикува паника и хистерија кај сдсмовското партиско раководство. Во отсуство на идеи, на јавноста ѝ се нудат истрошени приказни, евтини конструкции и наслови кои не би поминале ниту за внатрешна партиска употреба. Во таков амбиент, секоја критика се доживува како напад, а секое поинакво мислење како закана. Наместо политички одговор, јавноста добива нервозни реакции, агресивни настапи и очајнички обиди да се прикрие сопствената безидејност. Но агресијата не е сила, таа е само највидливиот симптом на политичка слабост.
Вратете ја партијата на нејзиното членство!
Најголемиот пораз на ова сдсмовско, како и на секое друго партиско раководство, е егзодусот на сопственото членство. Со години, како и во други политички партии, чесните социјалдемократи беа оттурнувани во аголот за сметка на клиентелистите и послушниците кои постојано се вртат околу врвот. По заминувањето на Бранко Црвенковски, партијата постепено беше преземена и со години максимално контролирана од фамилијата која ја финансираше и ја претвори во приватен сервис за заштита на сопствените бизнис и други интереси. Затоа денес, наместо диригирање однадвор и максимална централизација, на СДСМ му е потребна длабока внатрешна демократизација. Партијата мора да му се врати на членот од месната организација, на идеологот кој не бара функција туку достоинство, на човекот кој се срами од тоа во што се претвори неговиот политичко-идеолошки дом.
Часот на вистината
Додека „далечинското“ е во рацете на луѓе кои политиката ја гледаат како пазар, а СДСМ како стока за трампа, излезот од кризата ќе остане невозможен. Филипче можеби е претседател на хартија, но останува странец во сопствените редови сè додека не собере храброст да го исклучи ресиверот од Струмица. СДСМ или ќе се прочисти од инсталираните персони и ќе му се врати на народот и на своето изворно членство, или ќе продолжи да тоне во агресивна ирелевантност. Времето тече, а батериите одамна се веќе на црвено. Членството повеќе нема ниту трпение ниту причина да ја гледа истата реприза на „далечинско управување“ додека нивниот политички дом се распаѓа.