ЗАРКО МИЛОШОСКИ И ВИКТОР ДИМОВСКИ ГО ЕЛИМИНИРАЛЕ СО УЈДУРМИ Поранешен министер бара истрага и порачува – спремен сум и јас да сведочам!
Сухејл Фазлиу, поранешен министер од 2017 до 2019 година, јавно бара Обвинителството да ја продолжи истрагата против поранешните директори и структури во АНБ.
Поранешниот министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу бара Обвинителството за организиран криминал и корупција да отвори истрага за тоа како поранешните директори на Агенцијата за национална безбедност му наштетиле со злоупотреба на функцијата и овластувањата. Тој посочува дека е подготвен да сведочи за тоа како „малите богови“, како што вели, ги уништуваат човечките животи.
„После констатираните прекршувања од страна на Агенцијата за национална безбедност, ја користам ова прилика да ја информорам јавноста и да побарам од ОЈО ГОКК да го превземе мојот случај како оштетено лице и транспарентно да се разјаснат злоупотребите со човечки судбини, а криминалците конечно да одговараат пред законот. Улогата на „мали богови“ им прилега добро на некои суштества, до таму што тие одлучуваат кој може да има кариера, кој да биде бизнисмен, кој политичар, а кој не. Како министер на Владата во период 2017–2019 бев меѓу оние што ги поддржаа сите чекори за членство на РСМ во НАТО, реформите и трансформацијата на УБК во АНБ, формирањето на ОТА – Оперативно техничката агенција, со цел конечно да престанат злоупотребите кои на многу граѓани, а и лично на мене, ми нанеле огромна штета и зло. Но, и по сите овие промени, изгледа „малите богови“ продолжија со истите практики на царување, што е поопасно и од класичниот криминал“, вели Фазлиу.
Стојам на ставот дека таквите лица треба да добијат најстрога казна, додава тој, дури и да им се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата, затоа што злоупотребата на најчувствителните безбедносни институции е напад врз сопствениот народ.
„По завршувањето на министерската функција понудено ми беше да работам во Одделот за информатика во МВР. Иако во тој момент поседував активен безбедносен сертификат со највисок степен – „државна тајна” – и веќе бев поминал најригорозни проверки, АНБ ја проблематизираше постапката со бесмислена причина: дека треба да се прави дополнителна проверка од понизок степен од тоа што веќе го имав поминато. Флагрантното кршење на законот кулминираше со тоа што поранешниот директор Виктор Димовски, а потоа и Зарко Милошоски, го држеа предметот во фиока сè додека не истече рокот на мојот сертификат, за потоа негативно да одговорат на МВР. Според мои информации, злоупотребувајќи ги мерките за следење преку инкриминирани „соработници“, кои ја компромитираат самата Агенција за национална безбедност“, вели поранешниот министер.
Од целата моја чиста лична и семејна биографија, додава Фазлиу, единственото што им пречеше е нивното длабоко злоупотребување на службата против моето семејство уште од раните години на плурализмот, која е посебна историја во себе.
„Јавно барам од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција без одлагање да ја продолжи истрагата против поранешните директори и структури во АНБ. Подготвен сум да сведочам со конкретни факти и аргументи за сите злоупотреби со кои ми имаат нанесено голема ненадокнадлива морална и материјална штета. Кога би биле прифатени фактите и аргументите како во некоја нормална правна држава, јавноста ќе биде потресена од тоа кој сé одлучува за судбината на голем број семејства уништувани во тишина. Граѓаните се запознаени за злоупотребите само во случај кога службата заглавува на личности кои имаат сила и механизми да ја изнесат на виделина злоупотребата што е направена кон нив. Инаку ова е претворен во систем што уништува во тишина“, вели поранешниот министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.