ЗАРЕМ ВИЕ СТВАРНО ОЧЕКУВАТЕ КОВАЧЕВСКИ УТРЕ ДА КАЖЕ „НЕ“ ВО БРИСЕЛ? Мицкоски вели дека францускиот предлог нѐ прави македонски Бугари
И сега во целиот тој притисок, во друштво со 27 европски лидери плус членови на комисија и сите останати, зар вие очекувате Ковачевски да рече „не“, и да го одбие? Тие кои што патуваат со него, министерот за надворешни работи, на пример, му вика не се секирај, нема да падне владата, ние сме со тебе, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Јас би бил најсреќен доколку утре не го прифатиме францускиот предлог. Кои интереси се заштитени со францускиот предлог? Ништо не е заштитено, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“.
– Од Софија велат дека не се задоволни со еднострани изјави, туку тие сакаат тоа да влезе во заклучоците на Европскиот совет. Јас се слушнав вчера со претседателот Стево Пендаровски, изгледа има намера и тој како и премиерот Димитар Ковачевски да се пофали. Суштината беше да видиме што тој прави во оваа ситуација. Од тоа што Пендаровски го кажа е дека од Софија бараат при промената на македонскиот Устав, Бугарите да влезат во нормативниот дел од Уставот. Со тоа нѐ прави нас македонски Бугари – рече Мицкоски.
Францускиот предлог, додаде Мицкоски, не требаше да се најде на маса, но јасно е дека некој претходно го договарал.
– Тука е направена грешката. Сега наеднаш го гледаме на маса, а тој што се согласил вели дека не го видел. Утре е сериозен историски самит на ЕУ, не е било каков. Таму кандидатски статус треба да добијат Украина и Молдавија. И на нив во ЕУ им е потребен и чекор на Балканот, да почнат преговори со Македонија и со Албанија – додаде Мицкоски.
Лидерот на опозицијата се сомнева дека македонскиот премиер утре ќе каже „не“ на францускиот предлог.
– И сега во целиот тој притисок, во друштво со 27 европски лидери плус членови на комисија и сите останати, зар вие очекувате Ковачевски да рече „не“, и да го одбие? Тие кои што патуваат со него, министерот за надворешни работи, на пример, му вика не се секирај, нема да падне владата, ние сме со тебе. И тој си вели, да ќе бидам уште година, или година и половина премиер, па макар и да ја уништам Македонија и македонскиот идентитет. Па, тој вели потоа ќе бидам најмалку пратеник, така зборува по новинари. Значи станува збор за личност којашто не е свесна за сериозноста на ова што се случува – рече Мицкоски.