ЗАРЕМ НЕ ИЗВЛЕКОВМЕ ПОУКА ОД ЛЕТОТО? Микробиологот Пановски смета дека новата ковид-мерка нема да ги натера антиваксерите да се вакцинираат
Потребни се стимулативни мерки и искрен пристап во кампањата за вакцинација која досега од неразбирливи причини ја нема, објаснува микробиологот д-р Никола Пановски за Локално.
За да се натераат граѓаните да се вакцинираат потребни се стимулативни мерки, вели микробиологот д-р Никола Пановски за Локално, коментирајќи ја најновата ковид-мерка што ја предложи Комисијата за заразни болести, а која предвидува влез во затворен простор само за лицата со примени две дози вакцина против ковид-19.
– Луѓето се снаоѓаат на сите начини. Имаат сертификати од други лица и слободно влегуваат каде што сакаат. Цели четири месеци вакцинираните со една доза влегуваат секаде, иако немаат развиено имунитет во првите две недели по вакцинирањето. Тоа значи дека мерката немаше медицинска оправданост. Затоа сметам дека за оние што досега не се вакцинирале, оваа мерка нема да има ефект, односно нема да ги натера да се вакцинираат ако досега не се вакцинирале. Потребни се стимулативни мерки и искрен пристап во кампањата за вакцинација која досега од неразбирливи причини ја нема – објаснува микробиологот д-р Пановски.
Тој предлага да се воведе онлајн-настава за учениците во декември и да се затворат ноќните клубови со цел да не се зголеми бројот на заразени лица.
– Сите ги заоструваат мерките, а ние ги олеснуваме. Реагираме кога веќе е доцна. Зарем не извлековме доволно поуки од летото? Јас би ги затворил ноќните клубови, а на рестораните би им овозможил да работат со 30 отсто капацитет до 22 часа и би вовел онлајн-настава за децата во декември – вели д-р Пановски.