Зарем навистина не го препознаваме злото?

А злото е тука, меѓу нас, само некој треба отворено да го посочи. Како што тоа го направи, на пример, американската амбасадорка (во заминување) Агилер. Што и да мислиме за неа, таа јасно и гласно ни нацрта што тие прават наместо нас: „(…) прозивање на корупцијата и криминалните организации, придонес кон судските реформи и санкционирање на оние кои ве крадеа со години без да бидат казнети“! И тоа не е баш убаво да се слушне ако веќе плаќате толкав државен апарат, нели. Што пак нѐ води до едно хипотетичко и за многумина веројатно и бласфемично прашање: ѝ треба ли на Македонија доза на „трампизам“ во внатрешната политика?

231

Прашањата од типот дали може да се застане на патот на дефинитивната „картелизација“ на државата, дали навистина мафијата кај нас неповратно доби своја држава, дали политичките партии беа зачетоците на македонските „картели“, дали криминалот и корупцијата се реално толку присутни во системот…, се прашања од суштинско значење за иднината на државата. Како впрочем и прашањето дали одолговлекувањето со радикалната реформација во државата е само уште едно отстапување пред злото што надоаѓа?

Или, ако сакате, дали сѐуште актуелната соцреалистичка системска „логика“, сега трансформирана во типичен злосторничко-ретрограден начин на мислење, работа и однесување навистина нѐ спречува да го препознаеме злото што се шири? И не мислам тука на казнена политика како во Чешка, каде демонстрирањето со некогашните комунистички симболи треба да биде кривично дело. Напротив, а тоа е впрочем и најлесното, но не решава – ништо. Ние мораме да го смениме некогашниот соцреалистички и сегашниот картелски систем на мислење, работа и однесување. А тоа е – најтешко. Но не и неизводливо.






Зашто, зарем навистина не го гледаме злото околу нас или само се правиме дека не го гледаме? Зарем навистина не го препознаваме бившиот систем во сегашните постапки, веќе вгнезден и во партиите, како и криминалот и корупцијата во сите можни форми во општеството, или само ја вртиме главата за да не ги видиме? Треба ли некој да ни нацрта што е тоа зло или да ни сервира некакакви дефиниции од Википедија па да разбереме за што овде станува збор?

Или, на пример, што мислат синдикатите дека ќе добијат со 600 евра минимална плата, а нештата ќе останат вакви какви што се? Што добива работникот со тоа освен ден-два подобар живот во месецот, а потоа – по старо?! Синдикалните битки одамна не се вртат само околу минималната плата – тие се и понатаму класни борби, поточно војни, во коишто платата е само еден сегмент од пакетот барања. А впрочем, зошто платата ја бараат од власта, а не од работодавецот? Или таму не смеат, не им „стиска“?

Ако ние не го смениме нашето анахроно размислување, а потоа и однесување и постапување, сѐ повеќе ќе тонеме во картелизација на државата/системот. Нашето размислување и понатаму (ќе) се темели на ригиден шаблон од времето на најцрниот соцреализам каде партијата била „всјо и всја“, при што грото од партиите се само ретроградни криминогено-авторитарни секти. Па погледнете ги впрочем оние остатоци на бившата коалиција! И кого, да простите, го заболе што и како мисли Филипче за ланскиот снег кога човекот е апсолутно некомпетентен за што и да е што носи предзнак – политика?! Тука – поточно таму – одамна се во игра нешта со поинаков, лош предзнак. Не е дури ни црвен, тоа би било резил, навреда за бившиот систем!

А проблемот е што тој – „лидеро“ – не е единствен таму! Тие, како впрочем и дел од онаа дуи (малите букви се…), не можат да исчекорат од закоравените матрици коишто сѐ повеќе наликуваат на (најблаго речено) чудни групировки!

А злото е тука, меѓу нас, само некој треба отворено да го посочи. Како што тоа го направи, на пример, американската амбасадорка (во заминување) Агилер. Што и да мислиме за неа, таа јасно и гласно ни нацрта што тие прават наместо нас: „(…) прозивање на корупцијата и криминалните организации, придонес кон судските реформи и санкционирање на оние кои ве крадеа со години без да бидат казнети“! И тоа не е баш убаво да се слушне ако веќе плаќате толкав државен апарат, нели. Што пак нѐ води до едно хипотетичко и за многумина веројатно и бласфемично прашање: ѝ треба ли на Македонија доза на „трампизам“ во внатрешната политика?

Се разбира, кога го велам ова не мислам дека „трампизмот“ е некаква идеологија или совршен тип на практикување на демократијата, никако. Но мислам на успешно препознавање на слабите точки, агилно ползување на администрацијата и моќта, политичка решителност и др. Што тоа би значело во наши услови? Тоа би значело: поголема смелост во посочување на горливите проблеми и нивно итно и радикално решавање; затворање на „непродуктивни“ сегменти од државната структура и намалување на администрацијата; радикални мерки – до распуштање – (не само) на целиот правосуден систем и негово повторно воспоставување на нови, здрави основи итн., итн.

Или, ни треба еден сличен ураган ала „трампизмот“ во САД – политики без предрасуди, без клишеа (особено политикантски), без ракавици а со голема метла или плевелосмукалка…, но и со добро подготвен план базиран врз стручни анализи за нефункционалноста на македонскиот „систем“ во сите сегменти. И секако со доволно компетентни, самоуверени и смели луѓе кои не би се плашеле дури и од загуби, но со добра карма да го расчистат хаосов во државава. Времето бргу поминува а ние како по правило се занимаваме со „празни работи“, со нешта што ни на повидок не нудат опиплив резултат. Македонските политики се исцрпуваат во неважни нешта, во некакви квази-идеолошки дискусии несвојствени за дваесет и првиот век во една цивилизирана држава. Ако сакаме да бидеме таква, се разбира. Сетете се, на пример, колкумина министри за здравство се занимаваа со паркингон пред Клинички! Како да е тоа најважната работа во македонското здравство! А се решава за 24 часа.

Да, знам дека американскиот и македонскиот систем се различни и претседателските ингеренции во САД му даваат широко одврзани раце на Трамп во сите области. И тој тоа го користи. Многумина велат лошо и од наша перспектива така изгледа зашто ние не сме свикнале на радикални резови во политиките. Како на пример, укинувањето на фамозната usaid (малите букви се реален одраз на нејзината некогашна улога во светот, па и кај нас!), на „војната“ со универзитетите, на трансформацијата на американската администрација, на укинувањето на измислицата „работа од дома“ (кај нас „функционална“ уште од 2001 година!) итн. Отворањето на архивите е уште еден голем потег, но посебно важно е актуелното демаскирање на налудничавите „демократски активности“ на семејствата Клинтон, Обама, Бајден и др., и нивното безобразно креирање на лажни информации и извештаи за наводни упади на руски служби во изборите во САД (т.н. Russia Hoax) итн. Или разоткривањето на контроверните електронски пораки на „госпожа“ Клинтон, компетентните сведочења (во The House Committee on the Judiciary) за активностите на фамозната usaid дури и во Македонија… и др.

Ние и во врска со тоа – молчиме. Нас ништо не нѐ тангира, како да се однесува за некоја друга, нам непозната, земја! Македонската власт, не само оваа, најчесто не го користи ни минимумот системски ингеренции. А сепак сите говорат за реформи, но се очи широко затворени за корупцијата, криминалот, неспособноста на службите итн.! Онаа претходна булумента некадарници цели седум години само дрдореше и не направи ништо на тој план. Напротив, го етаблираше криминалот и корупцијата во сите пори на системот, си ги покачи платите за цели 75%, а сега лицемерно говори за тешкиот живот на македонскиот граѓанин.

Затоа и велам: доза „трампизам“ во државава, со полна пареа во користењето на моќта во рамките на Уставот и законите но со ураганско темпо, е неопходност. Инаку (ќе) се вртиме во маѓепсаниот круг на објаснување на лагите што ги диктираат оние од опозициската секта и нивната „пајтон интелигенција“ за да си ги спасат задниците, во пелтечењата на разноразни „вистиномери“, „невладини“ или бејби-usaid организации и поединци итн. И во тој контекст, како е можно државата да не поведе истрага против сите тие кои биле финансиски поддржувани да рушат легитимно избрана власт, која и да е и каква и да е?

Или, ако сакате, не е реформа укинувањето на, на пример, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот и префрлање на сите вработени во Министерството за култура и туризам. Зашто, кој е „ќарот“ кога повторно целата Агенција е товар на Буџетот на државата?

„Трампизмот“ сето тоа би го решил поинаку, побрзо, порадикално и – поефикасно. Нешто како со спомнатата usaid. И токму таа брзина и радикалност допринесува и за ефикасноста. Се разбира, ако сѐ е претходно испланирано и се темели на добри анализи! Затоа впрочем некои елементи на „трампизмот“ се функционални и, би рекол, добредојдени во држава како сегашна Македонија. Некои негови аспекти се прилагодуваат на институционалниот и културниот контекст, на јавното мислење односно негативните „рецензии“ за одделни државни институции итн. Да, сето тоа има и длабок политички импакт и, веројатно, одредени поени за Трамп барем кај републиканците, но и кај голем дел од американската неопределена јавност на која ѝ се преку глава онакви лигави „интелектуални“ ликови како Клинтонови, Обама, Харис, Бајденовци и др. А кај нас од слични не можеме со децении глава да кренеме!

Оттука, злото е јасно видливо и лесно препознатливо, елементите за справување со него не се непознати, но неопходна е политичка волја на истото да му се објави отворена војна. Алтернативата е да продолжиме да се вариме во овој соцреалистички лонец, а картелизираната „политика“ уште порешително да ја турка земјата во пропаст. Зашто, формулата е едноставна: тоа што го толерираме, ќе продолжи да постои и ќе расте до непредвидливи размери! А тогаш веќе никој не ќе може да се справи со него.

Извор: Теодосиевски уметност

 

Поврзани содржини