ЗАРАЗЕНИТЕ СО МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ МОЖЕБИ НЕ КАЖАЛЕ СЀ ВО АНКЕТАТА Директорот на Инфективна се сомнева дека вирусот потекнува од земјава
Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, смета дека ризикот од пренос на мајмунските сипаници во земјава моментално е мал, освен ако заразените не влезат во контакт со други лица додека сѐ уште имаат симптоми.
Не е сосема сигурно дали двајцата пациенти, заразени со мајмунски сипаници, не ја напуштиле земјава или можеби не дале други веродостојни информации во врска со потеклото на нивната зараза во епидемиолошката анкета, вели за Плусинфо директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана.
– Се сомневам дека станува збор за автохтон вирус. Епидемиолошката анкета е оскудна, а честопати заболените може да не дадат точни информации поради страв од стигматизација – изјави Цана.
Тој додава дека осипот од мајмунските сипаници во овие два случаја бил локализиран на една телесна регија и не се проширил и дека има ниска веројатност за пренос доколку се почитуваат мерките за изолација.
– Ризикот од пренос е мал, освен ако заразените не влезат во контакт со други лица додека сѐ уште имаат симптоми – посочи Цана.
Тој тврди дека еден од пациентите е дома во самоизолација, а вториот е во стабилна состојба на Инфективната клиника и дека наскоро ќе биде испишан.
Пред неколку дена, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) потврди 2 случаја на мајмунски сипаници, за првпат детектирани во Македонија.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, информираше дека станува збор за двајца машки пациенти, родени во 1981 и во 1985 година, и двајцата од Скопје. Според информациите што ги дале двајцата пациенти, тие не патувале никаде надвор од државата.
Лицата се во добра здравствена состојба и ниеден нивен контакт нема симптоми
Институтот за јавно здравје денеска соопшти дека двете лица се во добра здравствена состојба, а ниеден од нивните контакти не пријавува симптоми. Засега не се регистрирани нови сомнителни или позитивни случаи.
Во рамки на преземените мерки, ИЈЗ објави препораки за граѓаните и изработи водич со протоколи за здравствени работници, кој е веќе дистрибуиран до надлежните институции.
Дополнително, се планира онлајн обука за медицинскиот кадар. Институциите остануваат во постојана координација, а ризикот од ширење на болеста, според проценките, засега е низок.
Претходно беше информирано дека се активирани 2 нови телефонски линии за консултација. Граѓаните можат да добијат информации на бројот 076/233-791, а здравствените работници можат да се обратат на посебен број – 076/233-792.
Што се мајмунските сипаници?
Мајмунските сипаници (Monkeypox) се вирусна болест слична на класичните сипаници, но со поблага клиничка слика. Вирусот се пренесува преку близок физички контакт – кожа со кожа – преку телесни течности, но и преку контаминирани површини или облека.
Симптомите вклучуваат осип, треска, замор и зголемени лимфни жлезди. Осипот најчесто се јавува на лицето, гениталната и на аналната регија, но може да се појави и на други делови од телото.
Инкубацијата трае од 5 до 21 ден, а болеста обично поминува самостојно во рок од 2 до 4 недели.
Иако мајмунските сипаници не се високо заразни како грипот или како настинките, се препорачува изолација на заболените додека имаат симптоми, како и внимание при сексуални контакти – особено во групи со зголемен ризик.
ШТО СЕ МАЈМУНСКИТЕ СИПАНИЦИ И КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ? Професор Даниловски даде неколку совети