Заразените со корона од битолско од утре во Охрид
Во врска со тоа дали асимптоматските случаи ќе се евидентираат во вкупниот број со ковид-19, министерот Филипче рече дека во Комисијата за заразни болести следниве денови ќе се дискутира за тоа, со оглед на тоа што одредени земји веќе не ги бројат.
Веќе нема место за прием во Клиничката болница во Битола и пациентите ќе се испраќаат во болницата во Охрид – најави денеска на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој нагласува дека здравствениот систем е стабилен, дека има доволно слободни легла во другите болници, доколку за тоа има потреба. Во ГОБ „8 Септември“ има само 50 пациенти, а капацитетот на болницата е околу 400 кревети.
Места има и на Инфектовната клиника – таму каде моментно се хоспитализирани 81 пациенти, а има 110 кревети. Пациенти може да прими и монтажната болница, која располага со 70 кревети.
Во врска со тоа дали асимптоматските случаи ќе се евидентираат во вкупниот број со ковид-19, министерот Филипче рече дека во Комисијата за заразни болести следниве денови ќе се дискутира за тоа, со оглед на тоа што одредени земји веќе не ги бројат.
Но додаде дека и овие случаи треба да се имаат во вид, поради епидемиолошки анкети и ставање на луѓето во изолација.
– Има голем број на асимптоматски случаи коишто произлегоа од тестирањата направени во семејните кластери. Повеќе земји ја менуваат оваа стратегија – рече денеска Филипче.
Во врска со тоа како се третираат најтешките пациенти, Филипче рече дека интензивно се работи со сите.
– Најтешките пациенти се третираат на интензивна нега, се ставаат на респираторна машина според проценката на инфектолозите и анестезиолозите. Ние дијагностициравме и постмортем – нешто што ниту една земја не го прави, а коешто сериозно го подигна процентот на смртност, но тоа беше битно тоа да се знае заради епидемиолошките податоци и заштита на членовите на нивните семејства – појасни министерот.
Одговарајќи на новинарско прашање за нов кредит од Светската банка, Филипче денеска изрази жалење и рече дека не разбира зошто од дополнителната заменик-министерка за финансии се блокираат средствата од Светска банка наменети и за здравствениот систем да може да одговори на потребите на пациентите со ковид-19.
Тој рече дека дури осум пати досега одговарале на прашања на дополнителната заменик-министерка.
– Жалам што таа не го потпишува заемот. Станува збор за кредит, помош што е од Светска банка за оваа намена, а во светот кредити земале повеќе од 100 земји. Тоа е итен и брз кредит, а ние два месеца одговараме на прашањата – рече Филиче.
Средствата би биле наменети за опремување на инфективните одделенија во државата, за интензинва нега, за кревети, респиратори, аспиратори, мобилни рентген апарати.