Поради контакт со заразената жена со ковид-19 од селото Долно Косоврасти во домашна изолација се најмалку 17 лица, од нив шестмина здравствени работници.
– Во домашна изолација поради контакт се двајца лекари, четири медицински сестри и двајца возачи, еден кој со возило ја транспортирал од селото до Дебар и другиот кој ја транспортирал до Скопје. Во исто време најмалку девет лица најблиски роднини на пациентката се исто така во изолација — изјави за МИА Баки Халили, директор на Општата болница во Дебар.
Заразената жена на околу 44-годишна возраст која пред неколку години е оперирана од тумор во мозокот, беше прв случај на новозаразен по цели педесет дена.
Таа, според Халили, била примена во средата навечер во Општата болница во Дебар,со висока телесна температура и чести епилептични напади.
По напревената консултација, лекарите одлучиле да ја препратат во клиниките за неврологија во Скопје, каде и бил земен брис и по добиениот позитивен резултат на коронавирус, била префрлена во Инфективната клиника.
Поради контакт, во изолација, како што пренесуваат дел од медиумите, од оваа клиника се тројца лекари, две сестри и четворица болничари.