ПОЖАР ВО БАТИНЦИ – На 13.11.2020 околу 03,15 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Батинци, Скопско, настанал пожар, при што биле зафатени и целосно опожарени два објекти, сопственост на А.Џ.(49) од с.Батинци и Ќ.М.. Нема повредени лица. Пожарот е локализиран од противпожарната единица од Скопје.
ГРАНАТИ ВО ПРИЛЕП – На 12.11.2020 во 14,25 часот во Полициска станица Прилеп, А.К. пријавил дека во с.Веселчани при ископ во двор пронашол 21 стари гранати од Прва светска војна, кои се безбедно подигнати од Дирекцијата за заштита и спасување.
МАРИХУАНА ВО ДОМОТ – На 12.11.2020 околу 17.50 часот, во с.Стримница, Тетовско, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода В.С.(25) од с.Стримница, бидејќи при извршен претрес со судска наредба во неговиот дом биле пронајдени марихуана, дробилка и метален боксирач. Лицето е задржано во Полициската станица Тетово.
ПУСТОШЕЛЕ ШУМА – На 12.11.2020 околу 16.00 часот, во атар на с.Блаце, Тетовско, во месноста „Зла осојница“, полициски службеници на СВР-Тетово ги лишиле од слобода А.Ј.(40) од с.Гургурница, Тетовско и С.Ф.(30) од с.Седларево, Тетовско поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „пустошење на шуми“. Од лицата одземени се моторна пила и околу пет метри кубни огревни дрва, а пријавените се задржани во Полициската станица Тетово за расчистување на случајот.
ПОВРЕДЕН РАБОТНИК – На 12.11.2020 во 13.50 часот во Полициската станица Кочани, од Итната медицинска помош Кочани било пријавено дека околу 12.30 часот во кругот на рудник кај с.Пантелеј, при извршување работни задачи J.С. од Кочани се здобил со повреди. Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Кочани и државен инспектор за труд.
ТЕПАЧКА ВО КАФАНА – СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ш.М.(22) од с.Требош, Тетовско, А.А.(22) од с.Палатица, Тетовско, Ш.К.(19) и Ш.А.(19) двајцата од с.Требош, Тетовско поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 11.10.2020 во 00,40 часот, во Полициска станица Тетово, било пријавено дека на 10.10.2020 околу 21,30 часот, во угостителски објект, Б.А.(21), А.Џ.(23) и И.М.(21) од Тетово, додека биле внатре, влегле и шест лица, по што И.М. бил физички нападнат од едно лице, по што настанала меѓусебна физичка пресметка помеѓу пријавителите и пријавените.
ИЗМАМЕН И ОГРАБЕН – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Н.М.(63) од с.Чегране поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „измама“. Пријавениот во мај 2019, со намера да прибави противправна имотна корист, го довел во заблуда оштетениот Ј.А.(64) од Гостивар, ветувајќи му дека ќе го вработи неговиот син во државна фирма поради што во два наврата му зел вкупна сума од 1.500 евра, а ветувањето не го исполнил.
АМФЕТАМИН И ЕКСТАЗИ – Одделението за внатрешни работи Кавадарци поднесе кривична пријава против С.Ј.(25) од Кавадарци поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. С.Ј. заради продажба кај себе имал „амфетамин“ и таблети екстази.
КРИВИЧНА ЗА ПРИЛЕПЧАНКА – Одделението за внатрешни работи Прилеп поднесе кривична пријава против А.Ч.(24) од Прилеп, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 03.12.2019 од полициски службеници при извршен претрес во домот на пријавената, биле пронајдени и одземени хероин, марихуана и калциум карбонат.
ПРОНАЈДЕНО ОРУЖЈЕ КАЈ КАВАДАРЦИ – Одделението за внатрешни работи Кавадарци поднесе кривична пријава против А.Т (37) од с.Дабниште, Кавадаречко, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали“. На 05.06.2020 во 05,00 часот при претрес во дом во с.Дабниште од полициски службеници при Полициска станица Кавадарци, кај А.Т. пронајдени и одземени се ловна пушка „IJ-58M“ кал.16 мм, 17 куршуми кал.12 мм, 22 куршуми кал.16мм, 20 куршуми кал.7,9 мм, една метална направа за полнење на куршуми и 16 метални стапици во разна големина.
ПРОНЕВЕРА ВО СЛУЖБАТА – СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.С.(36) од Охрид, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“. Во период од 07.02.2019 до 31.12.2019 во својство на службено лице-продавач на билети во локалитетот Самоилова Тврдина при НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј“ – Охрид, пријавениот дел од прометот не го прикажал во сметководство и финансии, така што при извршен попис на 31.12.2019, комисиски бил констатиран кусок од продажба на штета на НУ „Завод за заштита на споменици на културата и Музеј“ – Охрид.
ЗЛОУПОТРЕБИЛ ТУЃИ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ – Одделението за внатрешни работи Кичево поднесе кривична пријава против Д.С.(57) од Кичево поради постоење основи на сомнение дека е сторител на казненото дело „злоупотреба на лични податоци“. Во кривичната пријава, опфатени се и Г.М.(53) од кичевското село Другово и С.Т.(57) од Кичево, за сторено казнено дело „несовесно работење во службата“. Првопријавениот, во периодот септември-октомври 2020 година, нелегално употребил туѓи податоци и изготвил барање за добивање огревно дрво во државна сопственост, за сопствени потреби. Врз основа на нелегалното барање, второ и трето пријавените- вработени во Јавното претпријатие „Национални шуми-шумско стопанство Лопушник“, издале дозвола на друго име и му ја предале на Д.С. со што, му овозможиле бесправно да обезбеди 8 метри просторни огревно дабово дрво. Со тоа, на Јавното претпријатие „Национални шуми“ му предизвикале штета од 56.000,оо денари.
НЕ БИЛ ВО ИЗОЛАЦИЈА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Е.Д.(34) од Делчево, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 17.10.2020 во 14,30 чaсот на ул.„Булевар Македонија“ во Делчево, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Делчево сопреле патничко моторно возило „опел”, управувано од Е.Д. на кој со Решение од 09.10.2020 од Министерството за здравство му била изречена мерка „здравствен надзор и домашна изолација” во надлежен ЈЗУ ЦЈЗ Кочани во траење од 14-дена.
ЗАРАЗЕН СО КОВИД-19 СЕ ШЕТАЛ НИЗ ДЕБАР – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Р.Д. (61) од Дебар поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Р.Д. на 01.11.2020 при превземање службени дејствија од полициски службеници од Полициска станица Дебар бил затекнат во паркирано возило, а бил носител на вирусот ковид-19 со што постапил спротивно на решението за лекување и домашна изолација издадено од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
(ИЗВАДОК ОД БИЛТЕНОТ НА МВР ОД 13.11.2020)