Запрепастувачки вистини
И како, по ѓаволите, ние ќе ги ставаме Бугарите во Уставот, но не и нивните жртви, оние 95% од некогашната еврејска заедница во Македонија?
Запрепастувачка вистина е дека Претседателката Сиљановска Давкова е прв македонски претседател што го посетил Меморијалниот комплекс „Треблинка“ – последната страотна „станица“ на егзодусот на македонските Евреи! Претседателката, за која дел од македонската простачка интелигенција ужива да подметнува дека „одамна никој за ништо не ја прашува“ и дека „околу нејзе сè апстрактно“, единствена сметала дека во нејзиниот мандат и таа „станица“ е задолжителен претседателски ангажман.
А простациве, тие нека уживаат во нивните провинциски озборувања зашто за ништо подобро и не ги бидува!
Но, запрепастувачка вистина е и фактот што на комеморацијата во Скопје, пред спомен обележјето во дворот на некогашниот Тутунски комбинат, се појави само владина делегација на чело со премиерот. Сите други политички „фактори“ во државата имале, веројатно, „попаметна“ работа, што ли? Или им е здодевно секоја година да ги повторуваат истите „ритуали“? Или – не дај боже – мислат како оној „докторон“ дека и тоа ужасно злосторство било за „нечие добро“ како што, според него, и денешното крвопролевање во Иран е за доброто на иранскиот народ?!
Не сакам да верувам дека нашите евроаспирации диктираат одреден степен на „присилен заборав“ или пак тоа е премолчан дел од целиот „пакет“ на „добрососедскиот“ договор со оние зад источната ни граница, но вакво непочитување на 7.144 жртви од една етничка заедница е срамно. Зарем поскапувањето на нафтата и минималната плата се за сектана теми поважни од ликвидацијата на толкав број македонски граѓани, па нека било тоа и пред 83 години? И зарем насилната смрт на толкав број луѓе не завредува ни две-три реченици почит? Или барем присуство на комеморацијата?
Или слепциве навистина се плашат дека ќе им се налутат Бугарите? А можеби и тие ургираат за промена на името на државата и на каменот во Треблинка?
Запрепастувачка вистина е и дека ниту еден од родителите на децата од трагедијата во Кочани не најде за потребно со еден збор да ги спомне и да им оддаде почит на тие жртви. А баш тој ден говореа за сè и сешто, па дури и дека не им чинела комеморацијата во Собранието!
За жал, македонската вековна трагедија е токму заборавот, некогаш ненамерен, но често и промислен, дневните политикантски калкулации на штета на јасно изразениот морален став, отсуство на историска димензија и одговорност… А ова беше/е еден од тие вечни датуми, сеќавање што опоменува и не смее да се заборави. Ако на тоа потсетува дури и амбасадорката на Германија во Македонија, како е можно тој датум кај нас да го игнорираат сограѓаните на жртвите на Холокаустот?
И како, по ѓаволите, ние ќе ги ставаме Бугарите во Уставот, но не и нивните жртви, оние 95% од некогашната еврејска заедница во Македонија?
Но, фрапантна вистина е и фактот што Холокаустот и понатаму се користи како геополитичка формула, дури и од страна на припадници на еврејскиот народ. Поточно, документарниот филм „Left Lane Straight“ на Каролина Кеј – инаку топла приказна за судбината на едно еврејско семејство во Кавала (Грција) – свесно или не манипулира со бројот на депортирани еврејски семејства од тој дел на Грција (околу 4.000) како втора најголема бројка по Холокаустот на полските Евреи, игнорирајќи ги случувањата во Македонија во тој период.
Зошто, кому и за што му се потребните таквите „крвави“ манипулации со историјата? И зошто, кому и за што е потребно ова игнорирање во Македонија?
Извор: Теодосиевски уметност