ЗАПРЕНА ИСТРАГАТА ЗА ШЕСТМИНА ПОЛИЦАЈЦИ ВО СЛУЧАЈОТ „ПУЛС“ Беа осомничени за предизвикување општа опасност
Дел од осомничените биле во притвор еден месец, по што добиле поблаги мерки за обезбедување што сега се укинати.
Запрена е истрагата за шестмина полицајци и началници што се осомничени за кривичното дело предизвикување општа опасност во случајот за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, објави ТВ Телма.
При истрагата е утврдено дека нивните овластувања не биле поврзани со контрола на противпожарни мерки, туку за проверка на сообраќајната безбедност и паркинг просторот на објектот. Поради тоа, Обвинителството смета дека овие полициски службеници не можат да се гонат за смртните последици од пожарот, туку за друго кривично дело, односно за злоупотреба на службената положба.
Во одлуката на обвинителот кој ја спроведуваше исрагата се вели дека, во согласност со Законот за угостителска дејност, полицијата во конкретниот случај требало да изврши проверки само во делот дали се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и за безбедноста во сообраќајот.
Според извори од истрагата, дел од осомничените биле во притвор еден месец, по што добиле поблаги мерки за обезбедување што се укинати. Со истрагата за „Пулс“ се опфатени уште дваесетина други полициски службеници, осомничени за делото предизвикување на општа опасност.
За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што ја обезбедувала дискотеката и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.