ЗАПОЧНА ПРВИОТ УПИСЕН РОК НА УКИМ Речиси 10.000 места за идните студенти
ФИНКИ, Природно-математички и Филозофски факултет со најголем број слободни места за идните бруцоши.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска започна првиот рок за пријавување на кандидати за запишување во прва година додипломски студии за академската 2025/2026 година. Пријавувањето ќе трае два дена, денеска и утре (19 и 20 август).
Според конкурсот на УКИМ, на 23-те факултети во состав на Универзитетот се нудат вкупно 9.719 места. Од нив:
– 4.683 места за редовни студенти финансирани од државниот буџет,
– 4.081 места за редовни со кофинансирање,
– 955 места за вонредни студенти.
И оваа година најголем број слободни места има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ (1.020), Природно-математички факултет (910), Филозофски факултет (880), Филолошки факултет (810), Медицински факултет (760), Економски факултет (700), Правен факултет (610) и Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ (590).
Редовните студенти кои ќе бидат финансирани од државниот буџет ќе плаќаат партиципација од 200 евра, додека студентите со кофинансирање и вонредните ќе треба да издвојат по 400 евра.
Сите заинтересирани кандидати задолжително треба да се регистрираат на www.upisi.ukim.mk и да ја пополнат електронската пријава преку iKnow-системот. Во конкурсот детално се наведени условите за запишување, критериумите, роковите и потребната документација.
Првиот уписен рок трае денеска и утре (19 и 20 август). Вториот рок ќе се одржи на 11 и 12 септември, а третиот, доколку има преостанати слободни места, е закажан за 24 септември 2025 година.