ЗАПОЧНА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ КИНЕНОВА На отварањето беше прикажан филмот „Бановиќ Страхиња“
Лауреат е Мето Јовановски актер, уметник, режисер, професор, непоколеблив во намисленото. По неговите улоги ги паметиме и „Среќна нова ‘49“, „Тетовирање“, „Најдолгиот пат“, „Црвениот коњ“, „Македонска сага“.
Шестото издание на „Киненова“ беше свечено отворено синоќа во киното „Милениум“ со доделување на наградите за oсобен придонес во филмската уметност и проекција на филмот „Бановиќ Страхиња“ во режија на Стефан Арсенијевиќ, кој го прогласи фестивалот за отворен.
„Киненова“ и во оваа шеста фестивалска едиција ги промовира вредностите на раните први и втори филмски остварувања на режисерите и сценаристите. За овие пет години се промовирале повеќе од 50 филмски режисери и сценаристи, а нивните филмови кои беа наградувани на „Киненова“ ја освоија и европската филмска сцена.
– Среќен сум што по периодот на пандемија повторно се враќаме во кино салите. Во овие времиња успеавме да го направиме реалност ова издание на Фестивалот, кое е особено значајно и лично за мене бидејќи оваа година востановивме награда која ќе го носи името на Љупчо Тодоровски-Упа, без кого овој фестивал веројатно немаше да се роди – рече директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ.
Лауреат е Мето Јовановски актер, уметник, режисер, професор, непоколеблив во намисленото. По неговите улоги ги паметиме и „Среќна нова ‘49“, „Тетовирање“, „Најдолгиот пат“, „Црвениот коњ“, „Македонска сага“…
– Актерот како и секој човек мечтае по се она што ја возвишува и храни човековата душа, со желба секојдневно да се преточи во возвишен филмски живот, да се влезе во светот на креативноста и за миг да се заборави црно-белиот свет. А нашата радост, возбуда и љубов да ја поделиме со оние за кои постоиме, а тоа е публиката – рече Јовановски.
„Киненова“ годинава на Сабина Ајрула Тозија постхумно ѝ ја додели наградата за „Особен придонес во филмската уметност“. Наградата ја прими нејзиниот син Вардан Тозија, а му ја додели актерот Диме Илиев. „Киненова“ постхумно додели уште една награда за особен придонес во филмската уметност на Љупчо Тодоровски-Упа, која ја прими неговата сопруга.
На свеченоста беше претставен и проектот „Инклузивна анимација“ која се одржа во рамките на „Киненова“, а во соработка со продукцијата „Фокус Покус“ и Кинотека на Северна Македонија, поддржан од делегацијата ЕУ, на која работеа деца со попреченост и типичните деца. Материјалот сработен од сите учесници на сесиите, менторите го измонтираа во една целина и крајниот производ е видео врз музичка подлога на песната „РамПаРам“ од „Суперхикс“. Видеото ќе се отстапи на бендот за користење како нивен официјален спот.