📽️ 📷 ЗАПЛЕНЕТИ ЦИГАРИ И ВЕЈПОВИ ВО СТРУГА Тутун без маркички вреден 1,8 милиони денари откриен во продавница
Мобилни царински тимови при контрола во Струга открија тутунски производи без акциза, за кои е избегнато плаќање од 509 илјади денари.
Царинските служби запленија голема количина тутунски производи без акцизни марки во малопродажен објект во Струга, со што е спречена нелегална продажба вредна над 1,8 милиони денари.
Акцијата била спроведена од мобилни царински тимови и службеници од Царинарницата Битола, при редовна контрола на објектот. При претресот биле пронајдени вкупно 1.027 кутии цигари, 1.387 електронски цигари – вејпови, 530 цигарилоси, 503 пакувања тутун за наргиле, 77 пури и 19 пакувања тутун за пушење, сите без акцизни маркички.
Според проценките, со оваа нелегална трговија била избегната акциза во износ од околу 509 илјади денари, што претставува директна штета за државниот буџет.
Од Царинската управа информираат дека против одговорните лица е поведена соодветна постапка, а запленетата стока е одземена.
Царинските служби најавуваат дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, со цел сузбивање на нелегалната трговија со акцизни производи, заштита на буџетските приходи и заштита на здравјето на граѓаните.