ЗАПЛЕНЕТИ 4.577 ЛЕКОВИ НА „БОГОРОДИЦА“ Цариниците спречија сериозен ризик по здравјето на граѓаните

Цариниците на „Богородица“ запленија над 4.500 небезбедни лекови, скриени меѓу патнички перничиња во изнајмено возило, а косовски државјанин заработи кривична пријава за криумчарење.

490

Царинските службеници на граничниот премин „Богородица“ открија и спречија обид за криумчарење на 4.577 парчиња небезбедни лекови, скриени во багажниот простор на изнајмено возило. Лицето кое се обидело да ги внесе лековите, државјанин на Косово, е пријавено за кривично дело „криумчарење“, информираат од Царинската управа.

„Нашите инспектори реагираа навремено и со професионална работа спречија сериозен ризик по здравјето на граѓаните. Лековите беа без оригинално пакување, без соодветни дозволи и сертификати, што претставува закана за секој кој би ги употребил“, велат од Царинската управа.






Според официјалните информации, станува збор за аналгетици, анестетици и антиалергиски раствори во стаклени вијали, кои биле транспортирани во рефузна состојба. За да ја избегне царинската контрола, осомничениот лековите ги наредил во редови и ги скрил меѓу патнички перничиња за врат, сместени во три картонски кутии.

„Со ваквиот начин на транспорт, сторителот директно ја загрозува безбедноста на граѓаните. Лекови кои не се правилно декларирани и транспортирани можат да предизвикаат сериозни последици по здравјето“, соопштија од Управата.

По брзата реакција на инспекторите, во координација со Одделението за истраги во Секторот за контрола и истраги, поднесена е кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гевгелија, кое изрече мерка за одземање на лековите.

Од Царинската управа порачаа дека ќе продолжат со засилени контроли на граничните премини за спречување на шверц на лекови и за заштита на јавното здравје.

Поврзани содржини