ЗАПЛЕНЕТИ 1.158 ЛАЖНИ ЧАСОВНИЦИ „РОЛЕКС“, „БОС“, „АРМАНИ“… Увезени се од Кина, чинеле вкупно 1.000 евра
Поради основано сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост, стоката е задржана и започната е постапка за утврдување на оригиналноста на производите.
Дури 1.158 парчиња часовници со потпис на заштитени трговски марки „Ролекс”, „Бос”, „Армани” и „Томи Хилфигер” се запленети при контрола на стока пријавена за транзит на граничен премин Богородица – соопшти Царината.
Случајот е откриен од мобилен царински тим, кој поради сомневање извршил детален преглед, при што се пронајдени часовници чија пријавена вредност, според фактура издадена од фирма од Кина, изнесува 60.852 денари. Поради основано сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост, стоката е задржана, при што е започната постапка за утврдување на оригиналноста на производите, информира Царинската управа.
Царинските службеници на граничните премини годинава откриле вкупно 63 случаи на повреда на право од интелектуална сопственост, при што запленети се речиси 78 илјади производи со потпис на познати трговски марки. Од нив во 37 случаи веќе е утврдено дека станува збор за фалсификати на вкупно 27.329 производи.
– Овие резултати јасно ги потврдуваат нашите напори во борбата против трговијата со фалсификати – вели директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.