Запленет имот вреден 1,2 милиони долари на албански државјанин уапсен во САД поради шверц со дрога
Полицијата во Тирана соопшти дека продолжува да работи на пронаоѓање, идентификување и одземање на средства кои произлегуваат од криминална активност и оти во тие рамки, финализирана е полициската акција со кодно име „Испорака“.
Албанската полиција изврши превентивна заплена на имот вреден околу 1.200.000 долари, кои му припаѓаат на 44-годишен албански државјанин, уапсен во САД, од американската ДЕА, кој е обвинет поради трговија со дрога.
Полицијата во Тирана соопшти дека продолжува да работи на пронаоѓање, идентификување и одземање на средства кои произлегуваат од криминална активност и оти во тие рамки, финализирана е полициската акција со кодно име „Испорака“.
– Одделот за истрага на перење пари и криминални средства во соработка со Обвинителството на судскиот округ Тирана, по неколкумесечна истрага, ја финализира операцијата под кодно име „Испорака“. По барање на Основниот суд во Тирана, извршена е превентивна заплена на имотот на Ј.Д. (44), уапсен од ДЕА во САД поради меѓународна трговија со наркотици од земјите од Латинска Америка во САД и Европа – се наведува во полициското соопштение.
Се додава дека согласно одлуката на Судот запленет е имот чија вредност е околу 1.200.000 долари и тоа трговски објект со приближна вредност од околу милион долари, друг деловен објект и банкарска сметка во вредност од околу 206.000 долари.
Полицијата посочува дека продолжуваат активностите за откривање на други средства кои би можеле да бидат регистрирани на име на други лица.