ЗАПИРА И МЕЃУНАРОДНИОТ АВТОБУСКИ СООБРАЌАЈ? Асоцијацијата „Исток“ најавува протест поради новите правила за престој

Асоцијацијата „Исток“ и „Макам-транс“ најавуваат протести ако Европската Унија не најде решение за правилото 90/180.

1,131

Асоцијацијата на автобуските превозници „Исток“ алармира дека новиот начин на евиденција во шенген-зоната сериозно ги отежнува секојдневното работење и одржувањето на меѓународните линии за превоз на патници. Од европските институции бараат фер и применливо решение кое ќе го земе предвид специфичниот карактер на професионалниот превоз на патници и стока.

Претседателот на Асоцијацијата „Исток“, Горан Трпковски, предупредува дека се подготвени на заеднички протест со камионските превозници доколку не се донесе поволна одлука која ќе обезбеди непречено функционирање на меѓународниот превоз и заштита на стопанството.






– Изразуваме длабока загриженост од начинот на кој Европската Унија го применува правилото за престој (90/180) во шенген-зоната, кое без исклучок се однесува и на професионалните возачи. Овој начин на пресметување сериозно го попречува работењето на превозниците и целокупното стопанство. Нашите компании со години вршат превоз на балкански тури и меѓународен превоз организиран од туристички агенции, а новиот начин на евиденција го отежнува секојдневното функционирање и редовното одржување на линиите – изјави Трпковски за МИА.

Трпковски додава дека статистиката покажува дека во просек секој месец во 2025 година по 100.000 туристи користеле превоз од македонските компании, а новите правила можат да предизвикаат сериозни економски последици.

– Ограничувањето на движењето на возачите не само што го попречува нивниот ангажман, туку предизвикува последици и врз фирмите и граѓаните. Очекуваме намалување на приходите во туризмот, затварање фирми, губење работни места, намалена конкурентност и загуба на странски партнери – нагласува Трпковски.

Асоцијацијата „Исток“ веќе апелира до Европскиот комитет и надлежните служби да изнајдат решение кое ќе ги третира професионалните превозници фер и применливо. Ставот е идентичен со членките на Асоцијацијата „Макам-транс“, кои исто така се подготвени на заеднички протест доколку не се донесе поволна одлука.

Камионските превозници од Македонија и нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина веќе почнаа блокада на товарниот сообраќај кон шенген-зоната. Тие сметаат дека ЕЕС-системот ги дискриминира во однос на превозниците од ЕУ и бараат посебен статус.

Билјана Муратовска од „Макам-транс“ нагласува дека станува збор за професионална дејност, каде лицето работи и возилото е регистрирано во сопствената држава, а ограничувањето не е економски оправдано. Таа додава дека дискриминацијата е особено очигледна затоа што другите видови превоз, како бродски, железнички и јавен превоз, се ослободени од броење денови за престој.

– Не сакаме да ги заглавиме стопанските активности, туку да покажеме што може да се случи. Ако не се најде решение, ќе се бараат други форми на притисок – изјави Муратовска.

Поврзани содржини