ЗАПАЛЛИВИ СТАВОВИ НА ОГНЕНАТА ФРАКЦИЈА Закон за ОНА, бришење на 20 отсто, електронско гласање на дијаспората…
Сметаме дека сега е погоден политички момент формулата 20 проценти да се тргне од Уставот. Никаде и никој не го спомнува придонесот на ОНА. Сметаме дека треба да се направи закон за регулирање на статусот на семејствата на борците на ОНА – рече Ганиу на првата прес конференција на фракцијата на ДУИ.
Од денеска „огнените“ и официјално почнаа да дејствуваат како фракција во ДУИ, со прес конференција на која оценија дека во партијата не се почитува статутот, а одлуките се носат во тесен круг во кој пред се спаѓаат функционерите од извршната власт.
– Имаме право да кажеме дека во ДУИ постојат двојни стандарди, како во организираните дебати, така и при одлучувањето. Последниот состанок беше затворен за јавноста со однапред утврдени насоки за работа и беше исклучена можноста за наш придонес. Нашите предлозви за гласање доверба на мисистрите на партиско ниво беа одбиени. Нагласувам, органите на ДУИ не функционираат статутарно, а партиските избори кои се организираа пред една година во ограноците на ДУИ, се нестатутарни и се нелегитимни – изјави на прес-конференција Висар Ганиу, еден од лидерите на „огнената група“ и градоначалник на Чаир.
Нема да бидеме замолчени, тоа нема да се случи, потенцира Ганиу нагласувајќи дека претставниците на фракцијата ја граделе ДУИ низ годините. Тој коментираше повеќе актуелни политички теми.
– Сметаме дека сега е погоден политички момент формулата 20 проценти да се тргне од Уставот. Никаде и никој не го спомнува придонесот на ОНА. Сметаме дека треба да се направи закон за регулирање на статусот на семејствата на борците на ОНА. Време е да предложиме дијаспората да гласа по електронски пат и државата да обезбеди услови за тоа. Законот за казината треба да биде предмет на јавна дебата и ние сме за тоа тие да бидат надвор од населени места. Ние сме против зголемување на платите на функционерите. Треба да се зголеми минималната плата на 500 евра, да се зголеми просечната плата, да се зголемат платите на вработените во администрација, бидејќи така ќе го спречиме одливот на нашите граѓани. Македонија е најцентрализирана држава во регионот. Потребно е да се зајакнат општините – рече Ганиу.
Изет Меџити, неформален лидер на „огнените“, пратеник и потпретседател на ДУИ, на новинарско прашање рече дека и тие поддржуваат изградба на Коридорот 8, но предупреди дека делењето функции, како таа „Груби координатор на коридорот“ претставува политичка злоупотреба. Меџити предупреди дека ќе биде срамота ако и овој коридор биде граден како автопатот за Блаце – по два километри годишно.
Меџити тврди дека фракцијата има поддшка од половина од претседателството на ДУИ и од 30 проценти од членството, а на забелешката дека може да бидат исклучени од партијата, рече дека одговорноста за тоа ќе биде кај тие кои придонеле да дојде до разидувања во ставовите за политичкото дејствување, но особено за дејствувањето од позиција на моќ во партијата.