ЗАПАДОТ ГИ „ПОТОПИ“ ФРАНЦУСКИТЕ ПОДМОРНИЦИ Што се крие зад одлуката на Макрон да ги отповика дипломатите?

Договорот значи дека Австралија ќе стане седма нација во светот која ќе управува со подморници на нуклеарен погон. На штета на Франција, а и на ЕУ, склучен беше пактот „Аукус“, меѓу САД, Велика Британија и Австралија кој ќе се спротивстави на Кина, а ќе предизвика нова Студена Војна и нуклеарно вооружување. Но, за жал, или за среќа, никој друг од Европа не го поддржа Макрон во „инаетот“.

1,272

Нож зад грб“ или навистина американските подморници се подобри од француските? Зошто Австралија во „пет до дванасет“ реши да ги одбие француски подморници „Навал Груп“ вредни 37 милијарди долари во замена за пакт со Америка и Англија наречен „Аукус“ и да го раздрма светскиот поредок? Во невиден преседан меѓу некогашните западни сојузници, Бајден успеа ги убеди своите стари англосаксонски пријатели да му се придружат во борбата против Кина – а Франција веднаш ги повлече своите дипломати од овие земји, анализира „Парижанин“.

Што се крие зад стратегијата на Макрон, дали Кина е во право кога вели дека трите земји од „Аукус имаат менталитет од Студената војна“ и дали несреќната изјава на британскиот премиер Борис Џонсон дека „нашата љубов кон Франција е неизбришлива“, како што пишува Би-Би-Си, ќе ги смират раскараните деца, кои, за разлика од малите земји, многу сериозно играат на светската сцена, макар и за еден договор за набавка на подморници?






Обновената оска Америка-Англија-Австралија против Кина-Русија, ја доведува Европа во мат позиција. Ако сака да биде посамостојна, како што тоа е желбата на Макрон, ЕУ ќе мора да биде „поблага“ со Кина и Русија. Но, за чудо, Франција во својот напор да ѝ се спротивстави на САД овојпат остана без поддршката од другите ЕУ-земји.

Што симболизира отповикувањето на амбасадор?

Враќањето на амбасадорот дома е стара практика во дипломатијата, секаде во светот.

– Државата го отповикува шефот на амбасадорот на отчет во главниот град (Париз) за да се обиде да разбере од него што се случува во контекст на криза – вели Кристијан Лекесне, експерт и автор на книгата „Моќта преку сликата, државите и нивната јавна дипломатија“

– Единствениот начин да бидете сигурни дека Вашингтон ја сфати сериозноста на оваа криза беше да го направите овој дипломатски гест – рече поранешниот дипломат Пјер Моркос, соработник во Центарот за стратешки и меѓународни студии, тинк-тенк со седиште во Вашингтон.

За Франција, изјавите во медиумите не беа доволни. Ниту беа доволни благите смирувачки зборови од американската администрација.

– Но, амбасадата во САД не се затвора: службите продолжуваат да работат, но само оние задолжени за бизнис. Пораката е: имаме отворена криза. Не сме подготвени да застанеме тука, треба да се објасниме – продолжува академикот.

„Франција требаше да биде свесна дека можеме да го раскинеме договорот“

Од другата страна на океанот, Австралија жестоко го брани својот потег да ги откаже француските подморници и да стапи во пактот „Аукус“. Премиерот Скот Морисон рече дека Австралија не лажела, како што Франција ја обвинува.

– На крајот на краиштата, ова беше одлука дали подморниците што се градеа, по цена што е висока за австралискиот даночен обврзник, ќе можат да ја извршат работата што ни беше потребна кога ќе заминат во служба и нашата стратешка пресуда заснована на најдобри можни совети за разузнавање и одбраната беше дека сепак, нема – рече г-дин Морисон во неделата.

EPA/DAVID MARIUZ AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT Во 2016 Франција и Австралија го потпишаа договорот за подморниците

Австралија ќе биде седма сила, а во светот ќе се тркаме со нуклеарните подморници

Договорот значи дека Австралија ќе стане само седмата нација во светот што управува со подморници со нуклеарен погон. Во договорот, исто така, ќе се види како сојузниците споделуваат сајбер-способности, вештачка интелигенција и други подводни технологии.

Според Северна Кореја, пак, кој будно ги следи случувањата, договорот може да предизвика нова „трка за нуклеарно вооружување“.

– Ова се крајно непожелни и опасни дејствија што ќе ја нарушат стратешката рамнотежа во азиско-пацифичкиот регион – изјави претставник на Министерството за надворешни работи на Сверна Кореја за државниот медиум KCNA.

Франција стана жестока! Прво со Италија, потоа со Турција, сега со САД

Франција веќе донесе слични одлуки во минатото: со Италија во 2019 година, по излегувањето на Луиџи Ди Мајо и Матео Салвини за време на кризата на жолтите елеци и со Турција во 2020 година, по нападите на владата против француската политика.

Но, со Соединетите држави, многу далечни сојузници, оваа дипломатска фаза никогаш не беше достигната.

– Се сеќаваме на извонредната напнатост пред војната во Ирак, но таа, на пример, не доведе до отповикување на амбасадорите. Во дипломатијата, тоа е далеку посериозно – вели Тиери Балзак, истражувач специјализиран за меѓународни односи.

Никој од ЕУ не ја поддржа Франција да ѝ покаже „кичма“ на Америка

Во принцип, оваа фаза му претходи на прекинот на дипломатските односи, односно затворањето на амбасадата.

– Воопшто не верувам“, вели Кристијан Лекесн. – Пред сè, оваа криза открива дека кога станува збор за безбедноста, Америка останува суперсила. Навистина немаше европска реакција за поддршка на Франција, што докажува дека ЕУ не размислува за својата безбедност надвор од Соединетите држави. И ова е во спротивност со француската идеја за одредена стратешка независност на Франција, но и на Европа, наспроти САД.

– Сега треба да се држиме ладнокрвно. Париз не ги раскинува дипломатските односи со Вашингтон, потврдува Пјер Моркос на својот Твитер профил. Франција не протера ниеден американски дипломат.

Според него, лошата одлука на администрацијата на Бајден сепак ќе има „трајни ефекти“ врз нејзиниот однос со Франција.

EPA-EFE/PHIL NOBLE / POOL Макрон и Џонсон на самитот Г‘ во Велика Британија

Љубовта на Англија кон Франција е неизбришлива

Во меѓувреме, премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, лета за Њујорк, каде што ќе учествува на Генералното собрание на ОН.

„Нашата љубов кон Франција е неизбришлива“, им рече тој на новинарите, потенцирајќи дека Франција не треба да се „грижи“ за сојузот, инсистирајќи на тоа дека англо-француските односи се „неискоренливи“.

Џонсон во Њујорк ќе биде придружуван од министерката за надворешни работи Лиз Трус која го брани овој потег на земјата да влезе во сојузот „Аукус“.

Г-ѓа Трус рече дека договорот ја покажува подготвеноста на Обединетото Кралство да биде „тврдоглаво“ во одбраната на своите интереси и дека тој има потенцијал да создаде стотици нови квалификувани работни места.

Франција ќе бара гаранции од САД – комерцијални и стратешки

Но, по сè изгледа Франција е оставена сама. Без своите сојузници од Запад, но и тие од ЕУ. Какви последици ова ќе донесе? Последиците ќе зависат од одговорот на САД и Австралија на ова отповикување на амбасадорите.

– На Франција ќе и требаат комерцијални гаранции од Австралија и стратешки гаранции од САД – заклучува Тиери Балзак.

Покрај тоа, отповикувањето може да трае неколку дена, неколку недели, па дури и неколку години … Тоа колку ова ќе трае „ќе ни каже каде Франција сака да го стави курсорот во своето неодобрување. Ова не е само економска работа, туку и политичка и стратешка“.

Америка очекуваше поголема поддршка од ЕУ на НАТО-самитот

Епизодата потврдува дека администрацијата на Бајден прави сè што е можно за да привлече околу себе партнери кои ќе помогнат да се спречи Кина. На последниот НАТО-самит, Французите и Германците некако им се спротивставија на Соединетите држави со желба да имаат поодмерен дискурс, објаснува Жан-Пјер Молни, заменик-директор на Ирис (Институт за меѓународни и стратешки односи) за ЛКИ.

САД се свртеа кон Австралија и Англија, прекршен е договорот Париз-Лондон

Соединетите држави потоа се свртеа кон Австралија и Велика Британија, бидејќи уште ги мачи кинеската закана. Ови две земји, за разлика од ЕУ, сè повеќе се согласни со Американците. За Жан-Пјер Молен, овој избор е „загрижувачки“: тој ќе има негативни последици врз иднината на Договорот за „Ланкастер Хаус“ склучен во 2010 година меѓу Париз и Лондон, а кој предвидува зближување меѓу двете земји … токму во областа на одбраната и безбедноста.

Поврзани содржини