„ЗАПАДЕН БАЛКАН Е КОТЕЛ КАДЕ БЕЗБЕДНОСТА НА ЕВРОПА СЕ СТАВА НА ТЕСТ“ Регионот е витална рута на шверцерите, вели Стармер

Регионот е опишан како раскрсница на Европа, но толку често бил и искушение на Европа, котел каде што безбедноста на нашиот континент се става на тест, рече британскиот премиер, отварајќи го самитот на Берлинскиот процес.

171

Британскиот премиер Кир Стармер го опиша Западен Балкан како европски „котел“, отворајќи го денеска самитот во Лондон.

– Регионот е опишан како раскрсница на Европа, но толку често бил и искушение на Европа, котел каде што безбедноста на нашиот континент се става на тест – рече британскиот премиер.






Стармер додаде дека разговорите ќе се фокусираат на безбедноста, миграцијата и економскиот раст, а лидерите ќе разговараат за тоа како да се спротивстават на „малигното влијание“ на Русија, како и за искоренување на корупцијата и заедничките миграциски прашања.

– Западен Балкан долго време е витална транзитна рута за криминалните банди на шверцерите. Не сакате да ги видите овие банди како дејствуваат на вашата територија, а сите ние ги трпиме последиците од нивните постапки – рече Стармер.

Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива почната во 2014 година од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел да ги приближи земјите од регионот кон Европската Унија.

Меѓу учесниците на Самитот во Лондон се премиерите на Албанија Еди Рама, претседателот на Советот на министри на БиХ, Борјана Кристо, премиерите на Црна Гора Милојко Спајиќ, на Косово Албин Курти, на Македонија, Христијан Мицкоски и на Србија, Ѓуро Мацут.

Заедно со нив, на самитот во Лондон британскиот премиер ги пречека и претставниците на Германија, Франција и другите членки на ЕУ, додека британскиот крал Чарлс Трети организираше прием за учесниците.

Самитите на Берлинскиот процес се одржуваат еднаш годишно, а последниот беше во октомври 2024 година во Берлин.

Поврзани содржини