Западен Балкан ќе го развива едношалтерскиот систем за трговија

Носител на проектот е Царинската управа на РСМ.

239

Олеснувањето на трговијата не е само стратешка и политичка определба на државата. Таа е потреба и неопходност за постигнување напредни постапки за размена на добра и услуги воопшто, изјави  вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во обраќањето на конференција органзирана од канцеларијата на Меѓународната финансиска корпорација (International Finance Corporation-IFC), дел од групацијата Светска банка по врзана со развојот на едношалтерскиот систем на трговија..

– Во контекст на земјите од Западен Балкан уште позначајно имајќи ги предвид предностите кои како регион ги имаме во однос на пазарот на Европската Унија, но не помалку значајно и кон другите пазари во светот. Сакам јасно да истакнам дека тука е нашата конкурентска предност, регионална конкурентност наместо конкуренција. Пост-ковид периодот полесно ќе го пребродиме и ќе се вратиме на брзи и одржлив стапки на економски раст, единствено ако ја искористиме оваа конкурентска предност – потенцира Битиќи.






Регионот, додаде, има заеднички недостатоци – неефикасни и троми економии, затоа треба да поттикнеме раст, продуктивност и креирање на квалитетни работни места.

-При разгледување на потребата за одобрување на Проектот Western Balkans Trade and Transport Facilitation која денес ќе добие свој службен и редовен тек на спроведување, експертите на Светска Банка идентификувале дека времето поминато на граница кај земјите од Западен Балкан е пет пати подолго од она потребно во земјите од Европската Унија. Затоа оваа регионална иницијатива доби поддршка Светска Банка. Реализацијата на овој проект ќе резултира со намалување на трошоците за извоз и увоз, и тоа редукција на не-тарифните бариери, времето за царинење на стоките и сите други пропратни трошоци, за најмалку 10 отсто – подвлече вицепремиерот Битиќи.

Како носител на проектот за воспоставување на нов едношалтерски систем е назначена Царинската управа на Северна Македонија, која тесно ќе соработува со други 11 државни органи и институции кои се задолжени да издаваат дозволи за увоз, извоз или транзит на производи.

Директорот на Царинска управа Ѓоко Танасоски посочи дека со воведување на новиот едношалтерски систем треба да се интегрираат сите постоечки ИТ системи во државата и да се усогласат со другите земји во регионот и земјите од ЕУ, со што значително ќе се олесни трговијата помеѓу земјите во регионот, но и на регионот со ЕУ.

Тој нагласи дека Северна Македонија во однос на другите земји во регионот, уште од 2008 година го применува едношалтерскиот систем EXIM, со кој се интегрира издавањето на дозволи за увоз, извоз и транзит на производи и е добра основа за надоградба на едношалтерскиот систем.

 

Поврзани содржини