Замрзнати двата новооткриени стана на Груевски и имотот на Водно
Јовески откри дека овие имоти на Груевски на хартија се водат на други имиња, но дека Обвинителството пред Судот изнело сознанија и докази дека плацот и становите се всушност на Груевски.
Двата новооткриени станa на експремиерот Никола Груевски во кои Обвинителството за организиран криминал и корупција минатиот месец изврши претрес, како и новооткриениот плац на Водно од 3.000 метри квадратни, со одлука на Основниот кривичен суд се замрзнати додека трае постапката против поранешниот премиер, потврдил за САКАМДАКАЖАМ.МК државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Јовески откри дека овие имоти на Груевски на хартија се водат на други имиња, но дека Обвинителството пред Судот изнело сознанија и докази дека плацот и становите се всушност на Груевски. Јовески рекол и дека досега никој не поднел жалба на таа одлука на судот.
По претресот, Груевски од Унгарија негираше дека двата новооткриени стана се негови и дека ги изнајмил под кирија.
Еден од становите е на име Т.С. која на сослушувањето во Обвинителството изјавила дека станот не бил нејзин, туку само потпишала дека е нејзин. Другиот стан е на име на фирма „ИКТ Инженеринг“. Во едниот Груевски, наводно имал библиотека, а другиот го користел како работен кабинет.
Во замрзнатиот имот не се другите два стана кои се на име на мајката на Груевски, Надежда, како ни тој во Капиштец, а станот во Аеродром таа го продала.