ЗАМИНА „ИЛ ЛУЧЕ“ Легендата со 37 трофеи ја загуби најтешката битка
Луческу почина по влошување на здравствената состојба по срцев удар, само неколку дена по крајот на селекторскиот мандат. Зад себе остави кариера со 37 трофеи и силен печат во европскиот фудбал.
Фудбалскиот свет остана без еден од своите најголеми тренери, откако почина Мирчеа Луческу, симбол на трофеи, трансформации и децении успех.
Неговата здравствена состојба нагло се влоши по срцев удар, само неколку дена по крајот на селекторската ера со Романија. Луческу остави зад себе кариера каква ретко се гледа.
Освои вкупно 37 трофеи и се вбројува меѓу најтрофејните тренери во историјата.
Најголем печат остави во Шахтјор Доњецк. Клубот го изгради во европска сила и го однесе до Купот на УЕФА во 2009 година.
Титули освојуваше во Романија, Турција и Украина. Со Галатасарај го крена и Суперкупот на УЕФА. Работеше во Интер, Зенит, Динамо Киев и многу други клубови. Беше и селектор на Романија и Турција.
„Ил Луче“ беше хоспитализиран по срцев удар на 3 април. Првите проблеми се појавиле за време на собирот на репрезентацијата.
Лекарите веќе му препорачале да се повлече од тренерската работа. Во 80-тите години ја однесе Романија на Европското првенство 1984. Тоа беше прво големо натпреварување за селекцијата. Со неговото заминување завршува една ера.
Луческу останува како име што го обликуваше модерниот европски фудбал.