Замина Џевдет Вејсели

Замина албанскиот Сократ, ќе напише еден весник на албански јазик како наслов на текст посветен на неговиот живот.

34,171

Младото црномуресто момче со изразит блед тен затропа на вратата на една предавална на Правниот факултет во Скоје во која, како асистент, држев вежби и ме замоли за поддршка во акција за помош на болниот татко, работник во фабриката за олово и цинк во Јегуновце. Тука почна моето пријателство со Џевдет Вејсели. Во академска средина во која успехот се мери со брзината со која се завршуваат студиите и добиените оценки, Џевдет беше во категоријата „вечни“ студенти. Но, постојано читаше се што ќе му паднеше под рака буквално „ограбувајќи“ ја мојата факултетска и домашна библиотека.

Низ годините полни со политички превирања, Џевдет влегуваше во мојот живот, за тивко да излезе и да се врати во своето село каде што беше учител. Подоцна стана секретар на универзитет и уредник на издавачка куќа, а кариерата ја заврши како службеник во Градското собрание на Скопје. Не некаква бележита биографија, ќе заклучи некој кој не го познаваше. Но, неговите сонародници го препознаа Сократ во него. Замина албанскиот Сократ, ќе напише еден весник на албански јазик како наслов на текст посветен на неговиот живот. Одеднаш разбрав дека Џевдет бил високо ценет заради својата мудрост и во етничката заедница на која и припаѓаше. Бев пријатно изненаден што неговите сонародници му го дадоа вистинскиот епитет на човек кој немаше ниту титули ниту функции, ниту пишани трудови. Такви епитети можеше да ги заслужи само исклучителен човек со исклучителна дарба да мисли и да го осмислува светот околу себе. Сократ, како што е познато, не оставил пишан труд зад себе туку само сеќавања меѓу Грците за умните дијалози кои подоцна ќе ги запише Платон. Вистинското знаење, ќе напише Сократ, може да биде стекнато преку дијалог, преку давање и примање прашања и одговори со кои се анализираат идеите до моментот кога знаењето е навистина разбрано.






Токму таков беше Џевдет, неуморен во дијалогот во обид да разбере и да биде разбран. Во времињата кога бевме дел од југословенската федерација Џевдет кој перфектно го говореше српско-хрватскиот јазик беше „фан“ на либералните мислители во Југославија со некои од кои се имаше и сретнато. Знаеше одеднаш, среде разговор со мене, на подеднакво перфектен македонски јазик, да сврти на српско-хрватски и така да ја продолжиме расправата додека не прсневме во смеа. Можеш само да ја замислиш реакцијата, ми вели шеретски, кога среде разговор со овие моиве Албанци, одеднаш ќе свртам на српски. Во жарот на дискусијата тоа го правеше за да го подвлече значењето на она што го кажува а не да го омаловажи сопствениот јазик. Верувам, и да покаже дека е над сето тоа националистичко лудило.

Свиреше на мандолина и беше член на оркестар на албански старогратски песни кои, во нашиве паралелни етнички светови само еднаш ги слушнав на албанската програма. Кога земјата беше на крстопат Џевдет Вејсели одеднаш ќе се појавеше: седумдесеттите, кога нашиот заеднички пријател и негов земјак професорот Славко Милосавлевски беше обвинет за либерализам и протеран од Правниот факултет; во осумдесеттите кога се појавија симптомите на болното југословенско опшетство; во деведесеттите кога, со заминувањето на партизанската генерација која ја создаде, се распадна федерацијата; во годините на создавањето на независна Македонија… Во една темна летна ноќ во 2001 година тој во своето село а јас на терасата на мојот стан на Орце Николов, разменивме загрижени мислења за иднината на нашата Македонија. Темата дека Албанците мораат да станат наполно рамноправни со Македонците ја апсолвираме многу одамна. Вечерта тагувавме над загубените животи на вооружен конфликт кој не мораше да се случи ако навреме ја реформиравме државата во инклузивна европска демократија. Кога поминаа темните облаци на војната ќе зазвонеше понекогаш на мобилен за да се напиеме кафе во околните кафулиња. Велат други дека имал една соба во Скопје во која отседнувал а девојката со која во некои години се гледал не ја побарал за жена токму заради состојбата на немаштија во која се наоѓаше целиот свој живот.

Излегувајќи од нашиот етнички круг во кој бевме заробени, се среќававме повремено и се гордеевме со нашето пријателство. Што не врзуваше? Можеби овие зборови на Т.С. Елиот кои случајно ги забележав некни а би можеле да се однесуваат и на дебатите кои ги имавме. Дебати кои „ги зголемуваат симпатиите, кои го стимулираат умот и духот, кои ја греат душата, кои ги дупчат балоните на хипокризијата, алчноста и измамата…“.

Поврзани содржини