ЗАМЕНИ ЈА ПЕЧКАТА, ЗЕМИ СУБВЕНЦИЈА Ѓорче Петров со нова мерка за клима уреди и топлотни пумпи

Од Општина Ѓорче Петров велат дека збор за мерка која има за цел да поттикне премин од традиционалните и штетни начини на затоплување кон поеколошки и поекономични решенија.

1,411

Жителите на Општина Ѓорче Петров за првпат ќе можат да добијат субвенции за набавка на клима уред или топлотна пумпа, откако општината објави јавен повик насочен кон унапредување на енергетската ефикасност и заштита на животната средина. Станува збор за мерка која има за цел да поттикне премин од традиционалните и штетни начини на затоплување кон поеколошки и поекономични решенија.

– Со оваа поддршка, ги стимулираме граѓаните да се ослободат од штетните и застарени начини на затоплување како што се печките на дрва, мазут и јаглен, и да преминат кон модерни системи кои се поеколошки и значително посигурни за здравјето – изјави градоначалникот Александар Стојкоски, најавувајќи ја мерката на социјалните мрежи.






Субвенциите ќе бидат достапни за сите граѓани кои имаат пријавено живеалиште во општината и кои во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2025 година набавиле клима уред или топлотна пумпа. Дополнително, право на пријавување имаат само оние кои немаат можност за приклучување на централно градско греење, претходно користеле печка на дрва, јаглен, мазут или нафта и се подготвени да ја предадат старата печка на Општината. Корисниците кои веќе добиле субвенции за печка на пелети или инвертер не се опфатени со овој повик.

„Со ваквите мерки директно влијаеме на подобрување на квалитетот на воздухот во нашата општина, а на граѓаните им нудиме и финансиска поддршка во време на економски предизвици. Посебно важно е што данокот на личен доход кој произлегува од субвенцијата ќе го покрие Општината, така што корисниците нема да имаат дополнителни трошоци“, соопштија од општината.

Општината ќе субвенционира до 50% од вредноста на набавениот клима уред, но не повеќе од 15.000 денари, и до 10% од вредноста на топлотната пумпа, со максимална поддршка од 21.000 денари.

Сите заинтересирани граѓани може да ја поднесат потребната документација во затворен плик во архивата на Општина Ѓорче Петров, секој работен ден од 08:30 до 15:00 часот. Јавниот повик ќе трае до 30 јуни 2025 година или до исцрпување на предвидените средства, а пријавите ќе се разгледуваат по редослед на пристигнување, исклучиво ако документацијата е комплетна.

Поврзани содржини