ЗАЛУТАЛЕ НА ГАЛИЧИЦА ПА ПОБАРАЛЕ ПОМОШ Од МВР со детали за тројцата спасени Американци
Трите лица биле прегледани од екипа на Итната медицинска помош Ресен и било констатирано дека се во добра здравствена состојба, по што заминале во сместувачкиот објект во Охрид.
Тројца американски државјани вчера беа спасени на планината Галичица од страна на Регионалниот центар за управување со кризи откако се загубиле.
Како што информираа од СВР Битола околу 15.42 часот бил добиен повик од 33-годишната Американка Н.А. дека таа, нејзиниот сопруг Л.Ц.(33) и нејзиниот брат J.A.(30) се изгубиле во Националниот парк „Галичица“.
Според пријавеното, тие тргнале да планинарат кон врвот Галичица, при што се разделиле и по кратко време се изгубиле.
„Веднаш по пријавата, полициски службеници од СВР Битола – ОВР Ресен, во содејство со спасувачката служба на Црвен крст од Охрид извршија пребарување на теренот, при што во 17.30 часот биле пронајдени, а подоцна биле спуштени на патеката што води кон село Лескоец, каде што биле прифатени и со возило од Националниот парк „Галичица“ биле транспортирани до асфалтниот пат Царина-Трпејца“, информираат од СВР Битола.
Трите лица биле прегледани од екипа на Итната медицинска помош Ресен и било констатирано дека се во добра здравствена состојба, по што заминале во сместувачкиот објект во Охрид.
Вчера Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека на планината Галичица од страна на Регионалниот центар за управување со кризи – Охрид, успешно се спасени двајца мажи, странски државјани и една жена кои се изгубиле на оваа планина.
„Конкретно, во 16.19 часот преку Единствениот број за итни повици 112 во ЦУК е примена пријава за изгубените двајца мажи, странски државјани (од кои едниот имал повредена нога) и една жена во Националниот парк „Галичица“, во повисоките делови на истоимената планина. Двајцата мажи се пронајдени кај планинарската куќа на Н.П. „Галичица“ во 17.30 часот, а жената е пронајдена на подалечна локација во 17.50“, информираат од ЦУК.