🎥 ЗАЛУДНО БЕШЕ ИНСПИРАЦИЈА ЗА ФИЛМ, ПОВТОРНО НЕ ГО РАЗБРАА Активистот со Туретов синдром се извини за расистичките извици на БАФТА
Иако беше инспирација за филмот „I swear“, кој му донесе награда за главна машка улога на Британецот Роберт Арамајо, активистот за Туретов синдром Џон Дејвидсон, кој ненамерно извика расистичка навреда за време на доделувањето на филмските награди БАФТА во неделата вечер, сепак се соочи со силни реакции во јавноста и мораше да се извинува.
Џон Дејвидсон, човекот со Туретов синдром според чија приказна е снимен филмот „I swear“, кој му донесе награда за главна машка улога на Британецот Роберт Арамајо, сепак мораше да се извинува и да се чувствува лошо по силните реакции во јавноста кои следеа по неговите ненамерно извикани расистички навреди за време на доделувањето на филмските награди БАФТА.
Дејвидсон, кај кого тиковите карактеристични за овој синдром започнале на 12-годишна возраст, имаше повеќе вербални испади во првиот дел од церемонијата, меѓу кои и извикување вулгарна порака за време на воведното обраќање на претседателката на БАФТА, Сара Пут, како и расистичките навреди кога Мајкл Б. Џордан и Делрој Линдо излегоа на сцената да ја доделат наградата за најдобри визуелни ефекти на „Аватар: оган и пепел“ (Avatar: Fire and Ash).
View this post on Instagram
– Сакам да им се заблагодарам на БАФТА и на сите вклучени во синоќешната церемонија за поддршката, разбирањето и поканата да присуствувам на преносот.
Го ценев предупредувањето упатено до публиката пред почетокот на снимањето, во кое беше објаснето дека моите тикови се неволни и не ги одразуваат моите лични ставови. Аплаузот што следеше потоа ме охрабри и направи да се почувствувам прифатено и разбрано во средина што за мене обично би била невозможна – вели Дејвидсон во соопштението.
Водителот Алан Каминг двапати ја прекина церемонијата за да ги адресира испадите – еднаш за да ѝ се заблагодари на публиката за разбирањето, а вторпат за да се извини доколку некој бил навреден.
– Покрај објаснувањето дадено од Алан Каминг, Би-би-си и БАФТА, можам само да додадам дека сум, и секогаш сум бил, длабоко засрамен доколку некој ги сфатил моите неволни тикови како намерни или како носители на какво било значење – додаде Дејвидсон.
Тој посочи дека филмот „Се колнам“ (I Swear) повеќе од кој било филм или телевизиски документарец ги објаснува потеклото, состојбата, карактеристиките и манифестациите на Туретовиот синдром.
– Целиот живот се обидувам да ја поддржам и зајакнам заедницата на луѓе со Туретов синдром и да поттикнам емпатија, љубезност и разбирање. Ќе продолжам да го правам тоа – изјави тој, додавајќи дека одлучил предвреме да ја напушти салата бидејќи бил свесен за вознемиреноста што ја предизвикуваат неговите тикови.
Во филмот, британскиот актер Роберт Арамајо, го толкува ликот на Дејвидсон и освои награда за главна машка улога, во трката со актери како Леонардо Дикаприо и Итан Хок. Филмот, номиниран во пет категории, доби и награда за кастинг.
Хуманитарната организација „Туретс екшн“, со која соработува Дејвидсон, исто така реагираше. Извршната директорка Ема Мекнали изјави дека се „исклучително горди“ на Дејвидсон и на тимот на филмот, кој веќе придонел за зголемена свесност за Туретовиот синдром. Таа нагласи дека тиковите се неволни и не се одраз на нечии убедувања, намери или карактер, додавајќи дека негативните реакции во дел од медиумите се разочарувачки.
– Она што требаше да биде вечер на славење за Џон стана преоптоварувачко, па тој донесе тешка одлука да замине. Овој момент точно го отсликува она што филмот „Се колнам“ го прикажува отворено – изолацијата, неразбирањето и емоционалната тежина што често ја носи оваа состојба – рече Мекнали, повикувајќи на едукација и емпатија како клуч за подобро разбирање.
Сценографката на „Грешници“ (Sinners), Хана Бичлер, која исто така беше номинирана за БАФТА, подоцна објави на Икс дека инцидентот се случил трипати таа вечер и дека еден од испадите бил насочен кон неа по завршувањето на церемонијата. Таа истакна дека дополнително ја вознемирило површното извинување.
И покрај тоа што церемонијата во Обединетото Кралство беше емитувана со двочасовно задоцнување на Би-би-си 1, расистичката навреда не беше цензурирана. Неуредуваната верзија остана достапна на стриминг-платформата АјПлејер до пладне во понеделникот, кога беше повлечена. Навредата се слушна и во американскиот пренос на каналот Ентертејнтмент.
– Некои гледачи можеби слушнале силен и навредлив јазик за време на доделувањето на БАФТА. Тоа произлезе од неволни вербални тикови поврзани со Туретов синдром и, како што беше објаснето за време на церемонијата, не беше намерно. Се извинуваме што тоа не беше уредено пред емитувањето и ќе биде отстрането од верзијата на АјПлејер – соопшти Би-би-си.