📽️ ЗАЛОЖНИЦИТЕ СЕ ВРАЌААТ ДОМА ВО ПОНЕДЕЛНИК Погледнете како Трамп им ја соопшти најубавата вест на семејствата

Снимките покажуваат како семејствата радосно му се заблагодаруваат на американскиот претседател, додека тој објавува дека Хамас и Израел постигнале договор за првата фаза од мировниот договор.

1,271

Емотивниот момент кога Доналд Трамп ги информира семејствата дека нивните најблиски, кои Хамас ги држи како заложници, ќе се вратат дома, е снимен со камера и објавен на социјалните мрежи.

Снимките покажуваат како семејствата радосно му се заблагодаруваат на американскиот претседател, додека тој објавува дека Хамас и Израел постигнале договор за првата фаза од мировниот договор.






Планот на Трамп од 20 точки, кој долго време беше сметан за невозможен, сега се чини дека се приближува кон реализација. Тој предвидува прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници, повлекување на израелските трупи и разоружување на Хамас, како и негово исклучување од идната палестинска влада.

Видеото го прикажува емотивниот момент кога американскиот претседател им кажува на семејствата дека заложниците ќе „се вратат во понеделник“, додека сите се собираат околу телефонот.

Држејќи го телефонот, министерот за трговија Хауард Латник ги прашува семејствата:

– Имате најдобра публика на светот, што имате да му кажете на претседателот Трамп? – вели Латник.

Семeјствата потоа со овации ја примаат среќната вест, му се заблагодаруваат на Трамп и извикуваат зборови на благодарност.

– Успеавте! — извика член на едно од семејствата, додека друг додаде:

„Господине претседателе, ние веруваме во вас. Знаеме колку многу направивте за нас откако станавте претседател, па дури и пред тоа, и веруваме дека ќе ја исполните оваа мисија сè додека секој заложник, сите 48, не се вратат дома“.

 

Повторувајќи ги зборовите на самиот претседател, тој заврши со:

– Блажени се миротворците.

Трамп им возврати со благодарност:

– Ви благодарам многу, само грижете се за себе. Заложниците ќе се вратат, сите се враќаат во понеделник. Ви благодарам на сите. Добро, уживајте, збогум.

Историскиот мировен договор меѓу Израел и Хамас беше објавен синоќа на платформата „Truth Social“, која ја користи Трамп.

Тој, кој оваа недела е кандидат за Нобелова награда за мир, изјави дека 20 заложници кои се живи и телата на 28-те преостанати ќе бидат вратени до понеделник.

Со тоа, војната во Газа, за која се проценува дека одзела 67.000 палестински животи од 7 октомври, конечно треба да заврши.

– Многу сум горд што објавувам дека и Израел и Хамас ја потпишаа првата фаза од нашиот мировен план – изјави Трамп.

Тој додаде дека оружјето „наскоро ќе замолкне“, а израелските трупи ќе започнат со повлекување – прв чекор кон „силен, траен и вечен мир“.

На „Truth Social“, Трамп го нарече ова голем ден за регионот и целиот свет, потенцирајќи дека договорот ќе доведе до ослободување на сите заложници и повлекување на израелските трупи до договорената линија.

– Сите страни ќе бидат третирани праведно! Ова е голем ден за арапскиот и муслиманскиот свет, Израел, сите соседни земји и Соединетите Американски Држави. Им се заблагодаруваме на медијаторите од Катар, Египет и Турција за нивната соработка. Блажени се миротворците – порача Трамп.

Поврзани содржини