ЗАКОНОТ ЗА САЈБЕР БЕЗБЕДОСТ ВО ЈУНИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ Андоновски очекува поддршка од сите пратеници

Министерот за дигитална трансформација тврди дека енергетскиот систем е безбеден.

45

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува Предлог законот за сајбер безбедност до крајот на месецов да ја помине владината процедура и на почетокот на јуни да влезе во собраниска процедура.

Тој очекува новото законско решение да биде поддржано од сите пратеници.






-Имајќи во вид колку сајбер нападите сега се насочуваат кон критичната инфраструктура и колку на удар може да бидат системите за производство и снабдување со електрична енергија од исклучително значење е ваквиот самит на кој ќе се дискутираат политиките на дигитализација во смисла на енергетиката – изјави Андоновски пред почетокот на Националниот самит за дигитална енергетска и безбедна критична инфраструктура.

Тој нагласи дека македонските енергетски капацитети се безбедни.

-Граѓаните треба да бидат спокојни. Електропреносниот систем е безбеден. Поради некои случки од пред година до година и половина во соработка со нашите стратешки партери се направени некои сериозни напори за обезбедување на мрежата  и во моментов може да кажам дека станува збор за безбеден систем што не значи дека тоа е дадено еднаш за секогаш. Ќе треба дополнително да се работи на нивна заштита. Мислам дека со Законот за сајбер безбедност ќе обезбедиме патоказ како да се заштитуваат институциите и електропреносниот систем – посочи Андоновски.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска потсети дека лани во МЕПСО имаше сајбер напад кој траеше многу месеци.

-Тоа е критична инфраструктура за целата држава и мора да дадеме голем акцент, односно да се заштитени далноводите и целото наше производство и комуникација со хидро и термо централите. Тоа е од национално значење како и секаде во светот. Работиме на тоа во соработка со министерот за дигитална трансформација и со законот ќе има и новитети – потенцира Божиновска.

Процесот на заштита на енергетските објекти, како што рече, ќе го води Министерството за дигитална трансформација, а Министерството за енергетика ќе биде вклучено во тоа.

-За нас е најважно да бидеме безбедни бидејќи тоа е од национално значење. Не сме разговарале кој ќе врши сајбер безбедност – приватна компанија или тоа ќе се прави со државни ресурси, но ќе разговараме понатаму и ќе го избереме она што ќе биде најдобро за граѓаните – рече Божиновска.

Поврзани содржини