ЗАКОНОТ ЗА ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ НА ВЛАДИНА СЕДНИЦА Од Вреди ѝ порачаа на ДУИ дека нема да има предвремени избори наесен

Вреди наскоро ќе го објави независниот кандидат за градоначалник на Општина Струга. 

501

Нема да има предвремени парламентарни избори заедно со локалните наесен, порача координаторот на пратеничката група на Вреди, Беким Ќоку, денеска, на прес-конференција во Собранието откако претходно координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт Блерим Беџети ги повика владејачките Вреди и ВМРО-ДПМНЕ на предвремени избори. Беџети ја обвини власта за деградирање на албанскиот јазик и за игнорирање на Законот за употреба на албанскиот јазик.

– Демократската унија за интеграција (ДУИ) со барањето за предвремени парламентарни избори уште еднаш докажува дека се претворила во политичка партија без идеи и визии. Свесни дека секој ден сѐ повеќе се стеснуваат како политички субјект, соочени со континуирани напуштања од нивното членство, спасот го гледаат во измислените лаги кон нивните симпатизери дека наводно паѓа владата и ДУИ се враќа, но во тоа не верува ниту нивниот најтесен круг. Со Вреди во Владата нема веќе да си со 20 години работно искуство и да си сѐ уште како нов соработник. Денес имаме Албанци кои уживаат достоинство уште во првата година од нашето владеење. Вреди го претставува целосниот легитимитет на албанскиот народ, нешто што силно и јасно го доживеавме на последните парламентарни избори со 107.000 гласови, а уште појасно ќе го докажеме со апсолутната победа на претстојните локални избори – порача Ќоку.






Законот за правична застапеност утре ќе се најде на седница на Влада и дека наскоро се очекува да влезе во парламентарна процедура.

За тоа дали се знаат кандидатите за градоначалници за претстојните локални избори и дали се донесени некакви одлуки за предизборно коалицирање, Ќоку рече дека сѐ уште траат разговорите и анкетите, нагласувајќи дека Вреди наскоро ќе го објави независниот кандидат за градоначалник на Општина Струга.

– Уште вршиме анкети и се договараме, но немаме сѐ уште имиња. Верувам дека во Струга Вреди ќе има независен кандидат. Досега немаме никакви одлуки, но начелно мнозинството историски соработувало секогаш на локални избори – рече Ќоку.

Беџети, пак, претходно на прес-конференција во законодавниот дом најави дека на овие локални избори Европскиот фронт ќе биде „широка коалиција изразена во форма на референдум на незадоволството на Албанците и на другите етнички заедници“.

 

Поврзани содржини