ЗАКОНОТ ЗА ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ ЌЕ ЧЕКА АМИН ОД ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА Владата го усвои предлог законот

Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, на новинарско прашање рече дека определбата во рамките на методологијата за правичната застапеност ќе се базира според последните резултати од пописот, но дека Законот не определува дали се работи за резидентно или за нерезидентно население. 

84

Владата го усвои Предлог законот за соодветна и правична застапеност, информираше денеска премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција по одржаната владина седница.

– Законот има јасна цел, администрацијата да биде вистински сервис за сите граѓани, изградена врз заслуги, знаење, професионалност и интегритет, согласно Уставот и Охридскиот рамковен договор. За разлика од времето кога партиска книшка беше поважна од дипломата и стручноста, ние поставуваме нов стандард, знаење, интегритет и заслуги – рече Мицкоски.






Според него, со законот се отвора ново поглавје на професионализам во јавниот сектор како на државно, така и на локално ниво. Како што појасни Мицкоски, Предлог законот ќе биде доставен до Венецијанската комисија, а потоа ќе влезе во собраниска процедура.

– Имаме обврска после толку години да раскрстиме со минатото градејќи институции кои не ги поддржуваат послушните, туку ги вреднуваат способните. Јавен сектор каде што млад човек со интегритет може да напредува. Овој Предлог закон го доставуваме на разгледување до Венецијанската комисија затоа што сакаме највисоки стандарди и целосна усогласеност со европските вредности. Законот ќе биде доставен до Собранието, откако ќе го добиеме мислењето на Венецијанската комисија – рече Мицкоски.

Претходно, заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, на новинарско прашање рече дека определбата во рамките на методологијата за правичната застапеност ќе се базира според последните резултати од пописот, но дека Законот не определува дали се работи за резидентно или за нерезидентно население.

– Точно е дека определбата во рамките на методологијата за правичната застапеност ќе се базира според последните резултати од пописот. Во Законот не се определува дали се работи за резидентно или нерезидентно население. Во Законот се определува дека ќе имаме координативно тело на политичко ниво, што ќе се раководи од вицепремиер со ресорните министри и од Агенцијата за администрација, каде ќе се дискутира поконкретно за содржината на методологијата, вклучувајќи и таргети, кои ќе се предложат и ќе се валидираат на политичко ниво, во рамките на координативното тело, кое е дел од извршната власт – рече Фетаи на денешната панел-дискусија по повод една година Влада.

Тој напомена дека категориите резидентното или нерезидентното население се создале преку методологијата за попис на население.

– Последниот попис не фигурира во Законот во врска со овој дел. Има предмет во Устаниот суд и треба да го видиме епилогот од овој предмет. Одговорноста ќе биде во рамките на координативното тело и Агенцијата за администрација – рече Фетаи.

Тој рече дека Предлог законот за правична застапеност нема да биде со европско знаменце и ќе оди на мислење во Венецијанската комисија.

Поврзани содржини