ЗАКОНОТ ЗА ДВОЈАЗИЧНОСТ ВО ДЕКЕМВРИ ПРЕД УСТАВНИТЕ СУДИИ Пред конечната одлука можно е да им биде вратен на пратениците за корекција

Претседаелот на Уставниот суд Дарко Костадиновски не очекува бојкот од уставните судии кои не се Македонци. За да се донесе одлука мора да учествуваат сите девет уставни судии, но ако има бојкот, не ја исклучува можноста да се смени заклучокот за одлучување во полн состав.

399

Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците ќе биде разгледувана на седница на Уставниот суд во декември, најави претседателот на Судот, Дарко Костадиновски во гостување на Канал 5. За можниот бојкот на таа седница од страна на дел од судиите кои се припадници на заедниците, Костадиновски вели дека постојат механизми што ќе спречат блокирање на работата на Судот.

Во врска со тоа дали е можно таа седница да не се одржи годинава, Костадиновски изјави дека и тоа е можно, но не сака да верува во такви сценарија.






– Јас не сакам да верувам во такви сценарија, но неспорен факт е дека јас како претседател на Судот сум обврзан со Заклучок сите девет судии да бидат присутни на седницата. Сè додека е на сила тој заклучок поради сензибилноста, важноста на предметот, поради импликации итн, треба да се одлучува во полн состав. Додека не се донесе нов заклучок, тој е на сила. Но, не значи дека нема да можеме да го смениме и да донесеме друг заклучок – вели Костадиновски.

Тој ја остави отворена можноста да се закаже подготвителна седница за овој предмет, да се барање совет од Венецијанската комисија, но и да се искористат одредби од новиот Акт на судот, со кои ќе дадат насока до Собранието за интервенции на евентуалните неуставни делови од законот.

– Слушајќи ги сите обвинувања за наводно етничко, па и политичко постапување, ние како судии ќе ги исцрпиме сите алатки кои ни стојат на располагање, за некој начин да ги амортизираме обвинувањата. Ние не може секој ден да одиме на телевизии и да полемизираме со политичарите. Ние сакаме на граѓаните да им се обраќаме. Сите опции се во игра. И подготвителна седница за материјалниот дел. Венецијанската комисија излезе со мислење за законот, но ние имаме право да побараме amicus curiae, тоа се вика пријателски совет, ако утврдиме спорни правни прашања – објасни Костадинов.

Ние ниту земаме, ниту даваме право, појасни тој и додаде дека воопшто не се доведува под закана употребата на јазиците, туку само начинот, примената и како е операционализиран законот.

Костадинов додаде дека е можно и да се искористи алатка од новиот Акт, односно судиите да израат сомнеж за уставноста на законот и да го пратат  во Собранието на доработка.

–  Тоа значи дека во првата фаза на постапување, односно поведување на постапката, Судот не одлучил, туку  изразил сомнеж. Се влегува во втора фаза, со тоа што ќе му дадеме рок на законодавецот, не подолг од шест месеци, да се усогласи со нашите стојалишта. И таа е корисна алатка и може да се употреби – вели Костадиновски.

Прашан што доколку Собранието не постапи во рок од шест месеци да интервенира во Законот за јазиците, Костадиновски одговори дека тогаш стапува на сила втората фаза и доколку се најдат неуставни одредби ќе се донесе укинувачка одлука или поништувачка одлука.

– Никој не треба да трепери и да биде вознемирен од постапките на Уставниот суд, ние едноставно треба да видиме што во тој закон е неуставно. Можеме да продолжиме да глумиме владеење на правото, можеме уште пет години, уште десет години. И потоа повторно да се прашаме и да добиеме квалификации „заробена држава“, „хибриден режим… Јас пред неколку дена бев на Меѓународна конференција во Приштина по повод одбележување 15 години од постоењето на нивниот Уставен суд. Пред сите кажав дека нивниот суд е инспирација за сите нас, бидејќи има срушено две влади, два парламента и сменето двајца претседатели. Ниеден суд во регионот не покажал таква одважност и одлучност. А тоа е битно, бидејќи на тој начин се гради уставната култура и сите останати власти три пати ќе помислат како постапуваат затоа што знаат дека постои Уставен суд што може да одлучи и да спречи некоја нивна намера – рече Костадинов.

Поврзани содржини