ЗАКОНОТ ЗА БРАНИТЕЛИТЕ ЌЕ ОСТАНЕ ЗАКОПАН ВО СОБРАНИЕТО Илире Даути шеф над шефовите, Африм Гаши не ѝ може ништо, а и – не сака
Собраинскиот спикер Африм Гаши ги свика новинарите на брифинг и им објасни зошто расправата за непријатната тема, која го загрозува мирот во владејачката коалиција, веќе не може да се одржи. Не бил виновен ни тој, ни пратеничката Даути, ни било кој друг, освен - Деловникот на Собранието.
Вака ли онака, владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди изгледа ќе успее да се „одбрани“ од збрката што се создаде со измените на Законот за бранители. Собранискиот спикер Африм Гаши на новинарите им ја објасни „кваката“: тој не можел пак да ја свика надлежната собраниска комисија, бидејќи нејзината претседателка Илире Даути од Европскиот фронт свикала, одржала седница, ама измените на законот на ги ставила на дневен ред. Гаши смета дека тоа било нејзина политичка одлука, а тој сега не можел пак да ја свика истата седница.
И работата сега излегува дека постои само еден „виновник“ за оваа очигледна манипулација – Деловниот на Собранието. Ќе биде ли оваа вратоломија на Гаши начин да се избегне расправата за непријатната тема, која го загрозува мирот во владејачката коалиција?
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, останува на ставот дека тој, според Деловникот, не може да ја свика седницата на Комисијата за социјална политика, демографија и млади за да се расправа за Законот за бранителите. Причина за тоа е што претседателката на комисијата, Илире Даути, од Европскиот фронт, веќе ја свикала и ја одржала седницата на комисијата, иако на дневниот ред беше ставен само законот со кој се покачија пензиите, а не и законот за правата на безбедносните сили.
Гаши не можел да свика веќе одржана седница на собраниска комисија?!
Гаши го толкува членот 126 став 3 од Деловникот, на начин дека тоа што комисиската седница се одржала во предвидениот рок од 24 часа по пленарната седница, значи дека тој повеќе нема надлежност повторно да ја свика – затоа што веќе се одржала. Тоа што Даути не го ставила и најавила дека никогаш нема да го стави на дневен ред Законот за бранителите, според Гаши. е нејзина политичка одлука, а тој нема да даде сопствен суд дали таа го прекршила Деловникот и дали заслужува интерпелација.
– Тоа е простор за интерпретација на различни политички аспекти. Секој како што гледа, може да оцени. Не можам јас да судам. Одземенено ми е правото да интервенирам и во овој случај има разлика од случајот кога ја свикав Комисијата за финансирање и буџет, затоа што претседателката Сања Лукаревска одби воопшто да ја свика, а Комисијата за социјална политика беше свикана – рече Гаши.
Комисиската расправа за деловникот ќе бида каша-попара
Вчера пратеникот Јован Митрески од СДСМ го искористи своето деловничко право, како потпретседател на Собранието предложен од опозицијата, да побара Гаши да ја свика Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Идејата е да се утврди дали спикерот го крши Деловникот со тоа што не ја свикува Комисијата за социјална политика. Митрески му постави рок до крајот на оваа недела, а во спротивно најави нови чекори.
Но, Гаши на денешниот брифинг со новинарите рече дека Комисијата за деловнички прапања ќе има седница следната недела, ама не поради барањето на СДСМ, туку затоа што и тој имал намера да ја свика откако се појавиле повеќе дилеми за примената на Деловникот за работа на Собранието. Ова значи дека Комисијата за деловнички прашања ќе даде сопствени ставови и толкувања на повеќе деловнички теми, но тие заклучоци не се гаранција дека пратеничката Даути мора да ја свика Комисијата за социјала. Гаши најави дека ќе повика и експерти, универзитетски професори, за да имаат поквалитетни толкувања на дилемите што досега произлегле од примената на Деловникот.
– Забележавме колизија, непрецизност и недоречености во одредени точки од Деловникот и за нив ќе расправа Комисијата за деловнички прашања. Јас сакам на тој начин да работам за да оставам институционална трага, за разлика од порано, кога дилемите се решавале арбитрерно, или според лични толкувања. Комисијата ќе изнесе ставови и заклучоци, па тие во иднина може да бидат патоказ според кој ќе се прави идниот Деловник. Не е дилема само точката на дневен ред на комисиската седница. Имаме недоречености и околу можноста премиер во исто време да биде и пратеник, што редовно се случува после параментарни избори. Исто така, Деловникот вели дека на секоја втора пленарна седница прва точка на дневен ред е на предлог на опозицијата, но се појави колизија кога требаше да се стави на дневен ред мојата интерпелација, затоа што и таа, според Деловникот, треба да е прва точка на дневен ред. Јас се консултирав со експерти која точка да ја ставам прва – објасни Гаши.
Ако треба, ќе лежел и во затвор за да спаси макар еден човек – ама Илире Даути не ја пипа
За тоа дали на пратеничката Даути ќе ѝ биде поднесена интерпелација, како што најави СДСМ, Гаши вчера не сакаше да коментира. Тој, всушност, одби да го коментира фактот дека примерот со Законот за бранители докажува дека комисиски претседател може да блокира закон за кој парламентарното мнозинство донело одолука да се донесе.
На хипотетичко прашање дали во случај на сериозна здравствена или друга закана за населението, тој, како втор човек во државата, ќе дозволи пратеник-претседател на Комисија да спречи донесување на важен закон само затоа што не му се допаѓа или политички не му одговара, Гаши рече дека тој се однесува според принципи и за општо добро и во такви случаи не му е гајле и ако лежи во затвор за прекршување на Деловникот, само ако барем еден човечки живот е спасен.
– Јас ќе работам според Уставот, Деловникот и законите. Јас го ставив на дневен ред на пленарната седница Законот за бранителите, го испочитував Деловникот, иако тој закон е горчливо политичко прашање и е против политиката на коалицијата Вреди од која доаѓам – одговори Гаши на прашањата дали тој работи според политичко убедување или според Деловникот.
Ќе заврши ли кавгата со напуштање на коалицијата, или само ќе се тресе гората за да се роди глувче?
Пред две недели на предлог на пратеничката Славјанка Петровска пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ ја изгласаа потребата да се донесат измени на Законот за бранителите во скратена постапка, што предизвика големи турбуленции и серија обвинувања помеѓу власта и опозицијата и партиите од македонскиот и албанскиот блок.
Од коалицијата Вреди најавија дека ако овој закон се донесе без да се предвиди и обесштетување на борците на поранешна ОНА ќе ја напуштат владината коалиција. На ова, пак, премиерот Христијан Мицкоски одговори дека не функционира со закана и уцена и им посака среќа на сите што сакаат да ја напуштат владината коалиција.