ЗАКОНОТ ПОГРЕШНО СЕ ТОЛКУВА, ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИ СЕ БЕЗОБРАЗНО ВИСОКИ Левица бара автентично толкување на член 11 од Законот
„Апелираме оваа наша иницијатива конечно да наиде на добра волја кај парламентарното мнозинство и за разлика од негативните примери во минатото, кога низа анти-естаблишментски предлози на Левица беа одбиени, конечно Парламентот да почне да работи во интерес на сите граѓани“, соопшти Левица.
Пратениците на Левица до претседателот на Собранието Талат Џафери поднесоа барање за автентично толкување на членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Републиката.
Партијата Левица смета дека со Одлуката на Уставниот суд, со која платите на функционерите се покачија за неверојатни 78%, настанала забуната и некоректно толкување на членот 11 од Законот.
Министерството за финансии, во циркуларна порака до буџетските корисници, им наложува формулацијата „просечна исплатена месечна плата” да ја толкуваат како бруто-плата по работник. Подоследна интепретација на оваа фраза е таа да се толкува дека истата се однесува на нето-плата по вработен од ланската година, според податоците на Држваниот завод за статистика, при што, во овој случај, ќе стане збор само за „одмрзнување“, а не и за зголемување на функционерските плати.
Заради доследна и јасна примена на одредбата од посочениот закон, како и заради обезбедување на правна сигурност на граѓаните, Левица бара ваквата законска норма да се однесува на нето, а не на бруто-плата на вработен.
„Во услови на растечка сиромаштија и зголемена класна раслоеност, недозволиво е функционерите да бидат привилегирани во однос на обичните граѓани. Апелираме оваа наша иницијатива конечно да наиде на добра волја кај парламентарното мнозинство и за разлика од негативните примери во минатото, кога низа анти-естаблишментски предлози на Левица беа одбиени, конечно Парламентот да почне да работи во интерес на сите граѓани“, соопшти Левица.