ЗАКАНИТЕ ДОАЃААТ ОД „ВНАТРЕШЕН НЕПРИЈАТЕЛ“? Нашите бомби тешко ќе дојдат на ред кај странските разузнавачки експерти

Ако не се реагира брзо и ако не се постигнат резултати во следните неколку дена, коментираат безбедносните експерти, тогаш не би требало да нѐ чуди ако заканувачите почнат да го менуваат курсот, па од основните и средните училишта да се префрлат на факултетите, трговските центри, концертните сали...

2,394

На шпанските разузнавачи им беа потребни цели два дена за да им влезат во траг на заканувачите и да откријат од каде се испратени бомба-писмата коишто минатата недела беа оставени во поштенските сандачиња на неколку амбасади во земјата, а едно такво писмо пристигна и во домот на шпанскиот премиер Педро Санчез.

Македонската полиција, пак, освен едно погрешно уапсено момче, потроши скоро два месеца само за да сфати дека заканувачите со бомби во скопските средни училишта ги испраќаат заканувачките мејлови само во среда, четврток и во петок, односно само тогаш кога одредена група ученици имала одредени часови на училиште.






И токму во моментот кога министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски организираше прес-конференција за да се пофали и да го пласира „спектакуларното“ сознание во јавноста, се случи нов проблем: се појавија нови закани за бомби и во училишта од другите градови, но овојпат и во основни училишта.

„Што е многу, многу е“. Вака безбедносните експерти со коишто разговараше Плусинфо ја коментираат новонастанатата ситуација и велат дека дојдено е време кога треба навистина сериозно да му се пристапи на проблемот.

Ако не се реагира брзо и ако не се постигнат резултати во следните неколку дена, велат тие, тогаш не би требало да нѐ чуди ако заканувачите почнат да го менуваат курсот, па од основните и средните училишта да се префрлат на факултетите, трговските центри, концертните сали…

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов објаснува дека Македонија не може сама да го реши проблемот со дојавите за бомби и принудена е да бара помош од странските разузнавачки служби, но кога веќе гледаме дека операцијата долго трае и дека на странците очигледно не им е приоритет да ни помогнат, тогаш, посочува тој, треба да одиме чекор погоре и да ги активираме останатите институции.

Трајанов во разговор за Плусинфо вели дека сега e повеќе од потребно на сцената да настапи премиерот на државата, кој заедно со министерот за надворешни работи официјално ќе побара помош од другите држави.

Трајанов: Комуникацијата мора да биде на највисоко ниво, бидејќи се работи за безбедносен, но и за политички проблем. Треба да се ангажираат сите служби на чело со Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која има склучено соработка со најмоќните странски безбедносни служби како што се германската, француската, израелската, па дури и со ЦИА.

– Мора да го кренеме нивото, оти, очигледно, вака ништо не правиме. Премногу долго трае целата операција со дојавите за бомби, па се создава слика дека странските разузнавачки служби не се премногу заинтересирани да ни помогнат. Комуникацијата мора да биде на највисоко ниво, бидејќи се работи за безбедносен, но и за политички проблем. Треба да се ангажираат сите служби на чело со Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која има склучено соработка со најмоќните странски безбедносни служби како што се германската, француската, израелската, па дури и со ЦИА. Клучна е соработката со странските развиени разузнавачки служби. Врз основа на сите информации што ги добивам е дека станува збор за внатрешен непријател. Овде се подготвува целата операција и не случајно се избрани училиштата. Јас можам да кажам дека дури 85% е шансата заканувачот или заканувачите да бидат наши сограѓани, оти се гледа дека иницијативата и логистиката е домашна, а заканата може да испратена од било кој крај на светот. Траги не се оставаат, а дури и да се појави некаква трага, проблемот е што македонските служби не би можеле да ја откријат. Ние како држава немаме информатичка моќ за да ги следиме тие траги, па приморани сме да побараме експертска разузнавачка помош од странство. Затоа, ние треба да го сториме тоа што најдобро го знаеме – да собереме доволно информации за лицата коишто ја подготвуваат операцијата во Македонија. Штом насетиме кој и каде ги подготвува заканите, верувајте дека проблемот ќе биде решен за многу брзо време – објаснува Трајанов.

На прашањето дали е сега време министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да си поднесе оставка поради тоа што веќе повеќе од еден месец траат заканите со бомби, а полицијата не е ни блиску до решавање на проблемот, Трајанов вели дека не треба целата одговорност да му се припишува на министерот.

– И опозицијата и власта треба да бидеме крајно претпазливи во една ваква деликатна ситуација. Јас сум еден од најголемите критичари, ама во овој момент мора сите политички партии да бидат крајно претпазливи. Не е сега прашањето дали Спасовски треба да си поднесе оставка или не. Впрочем, целата одговорност не е негова. Тука е Агенцијата за национална безбедност која мора вредно да работи и да си ги постави приоритетите – рече Трајанов.

Стефан Буџаковски, професор од областа на безбедносните науки и кривичното право е убеден дека зад хибридните закани со дојави за бомби стои една или повеќе политички партии од земјава.

– Состојбата со заканите со бомби е доказ дека безбедносниот систем на Македонија е нефункционален и можам да кажам дека тие деструктивни елементи на дестабилизација се однесуваат токму на интересите на поединци. Сметам дека актуелната состојба со заканите со бомби е резултат на хибридните мерки коишто ги преземаат одредени политички партии за да постигнат одредени политички цели. И нема ништо друго, сѐ е кристално јасно. Оти, ако се работеше за нешто друго, досега ќе беа откриени заканувачите. Ние имаме меѓународна соработка со службите од Европа и од светот, па навистина е чудно никој да не открие кој стои зад заканувачките мејлови. Токму ваквиот сомнеж отвора друго прашање: која од политичките партии во Македонија е одговорна за заканите со бомби? Станува збор за класична политичка игра, односно за политички натпревар во кој нема правила и во кој се вклучени недозволени средства, а чија цена ќе ја платат граѓаните – вели Буџаковски.

Тој се обиде да направи споредба на состојбата со заканите во Македонија со оние во Шпанија, но како што вели, разликата е огромна.

– Прво, сите функционери во Шпанија не се поставени на предлог на политички партии, туку се поставени по принципот на способност и професионалност. Тие си ја бркаат работата и не дозволуваат народот да биде загрозен. Ако се појават закани, а одговорните не можат да ги фатат заканувачите, тогаш тие веднаш си поднесуваат оставка поради неспособноста да се снајдат со предизвикот. Ете, тоа е разликата помеѓу Македонија и Шпанија. Заканите со бомби кај нас траат веќе подолго од еден месец, а Шпанците за само два дена успеаја да откријат кој е испраќачот на бомба-писмата. Затоа, на нашиот министер за внатрешни работи му преостануваат само две работи: или да го реши случајот или да си поднесе оставка – објаснува Буџаковски.

Димовски: Мора да се изнајде еден модалитет како постепено да почнеме да стануваме имуни на ваквите појави, а тоа ќе биде на добробит и на институциите кои ќе имаат можност да ги следат процесите.

Злате Димовски, професор на Факултетот за безбедност, не ја исклучува можноста идните закани со бомби да ги заобиколат училиштата и да се сконцентрираат на плоштадите, хотелите и на трговските центри.

– Заканите најпрво пристигнуваа во средните училишта, подоцна и во основните, а не треба да нѐ чуди ако следната цел на заканувачите им се градинките. Не е воопшто лесно да се идентификуваат заканувачите, бидејќи сајбер-просторот нуди безброј можности за сокривање на идентитетот. Мора да се изнајде модалитет како постепено да почнеме да стануваме имуни на ваквите појави, а тоа ќе биде на добробит и на институциите кои ќе имаат можност да ги следат процесите. Од тоа што официјално го добиваме како податок е дека нашите служби веќе имаат нешто дознаено и дека наводно има осомничени заканувачи. Меѓутоа, наскоро ќе треба да се преземат низа чекори од наша страна за да ги заштитиме институциите, особено училиштата, а јас лично не верувам дека тоа ќе кулминира со затишје, туку напротив, заканувачите ќе се свртат кон другите институции, кон хотели, трговски центри и плоштади. Ова сега е насочено кон вградување страв кај учениците за тие да ja сфатат за опасноста од хибридниот тероризам, а кај родителите уште повеќе да се зацврсти неверувањето во капацитетот на системот, кое, всушност, е целта на терористичките организации – објаснува Димовски.

Во поглед на предлогот на министерот Спасовски да се постават полицајци пред училиштата кои ќе ги контролираат влезовите и излезите, Димовски вели дека може да биде контрапродуктивно и застрашувачки за самите деца.

– Со кое право ќе ги проверуваат ранците и чантите на луѓето кои влегуваат во училиштата? Треба да има наредба за претрес. А што ако бомбата не е во ранецот, туку е скриена во долната облека? Како ќе ги претресуваат? Јас не велам дека предлогот е лош, но мора да ги согледаме сите аспекти. Дали тие деца нема дополнително да ги истрауматизираме ако тоа го примениме? Кај нив ќе се вгради страв и нема да сакаат да одат на училиште – вели Димовски.

Во меѓувреме, министерот Спасовски не престанува да се жали дека воопшто не им било лесно на полицајците да откријат кој стои зад заканувачките мејлови.

– Полицијата има проблеми, дојавите за бомби во средните и во основните училишта доаѓаат од странски IP адреси, па затоа не е лесно да се открие кој е виновникот. Полициските службеници не можат лесно да ги добијат податоците, па мораат да комуницираат со странски полициски служби, кои, пак, не даваат лесно информации. Станува збор за ВПН конекции и за тоа ќе треба меѓународна правна помош да се добијат тие информации и податоци – рече Спасовски во петокот.

Министерот вели среќна околност е тоа што дојавите се лажни, но и дека имале осомничени.

– Најавувам дека ќе има реализација, има осомничени, ако нема осомничени тогаш бадијала е реализацијата – порача Спасовски.

Дојави со бомби се регистрирани и утринава во 5 кавадаречки основни и средни училишта.

ВМРО-ДПМНЕ: Што треба да се случи за Спасовски да си поднесе оставка?

Министерот Оливер Спасовски веднаш да поднесе оставка од позицијата министер за внатрешни работи бидејќи повеќе од месец дена не може да открие кој стои зад лажните дојави во средните и основни училишта, се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. 

„Состојбата со безбедноста на граѓаните е донесена под знак прашалник, криминалот царува низ државата, а Спасовски наместо да реагира, дополнително ги штити криминалците и соработува со нив. Спасовски целосно потфрли со безбедносните служби. Македонија стана држава во која убиствата, заканите, тепачките и инцидентите се секојдневие. Спасовски веднаш да си поднесе оставка бидејќи веќе нема ниту кредибилитет, ниту легитимитет да го раководи со МВР. Одговорноста на Спасовски е директно кај него, бидејќи тој и неговите соработници се во сериозна коалиција со криминалот, а граѓаните се чувствуваат несигурни. Што уште треба да се случи за Спасовски конечно да си поднесе оставка? Состојбата е сериозна, промените се повеќе од потребни“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини