„АКО ГИ ПОГОДУВА МОЕТО ПИШУВАЊЕ, НИВЕН ПРОБЛЕМ“ Самка Ибраимоски пријавен дека по живот им се заканувал на уставни судии

Ако сум спомнал некого, не сум спомнал со закана по живот, ако ги погодува моето пишување тоа е нивен проблем. Имам демократско право да пишувам како предлагач на законот, лидер сум на сиромашна партија која е заглавена со извршителите и бараме спас и начин како да се ослободат тие луѓе на кои 3 до 4 пати им ги наплатуват долговите, вели Самка Ибраимоски за Сител.

1,332

Самка Ибраимоски преку Фејсбук им се заканувал по животот на уставните судии откако дозволија извршителите да продолжат да наплаќаат долгови, јавува Сител. Ибраимоски негира дека написите против судијката Ана Павловска Данева се закани по нејзиниот живот. Тој веќе добил повика да оди во полиција.

– Ако сум спомнал некого, не сум спомнал со закана по живот, ако ги погодува моето пишување тоа е нивен проблем. Имам демократско право да пишувам како предлагач на законот, лидер сум на сиромашна партија која е заглавена со извршителите и бараме спас и начин како да се ослободат тие луѓе на кои 3 до 4 пати им ги наплатуват долговите – вели Ибраимоски за Сител.






Од Уставниот суд велат дека лично претседателот Дарко Костадиновски ги пријавил заканите, а како што информираат од прес службата, биле поврзани со конкретен предмет кој го работел Уставен. Павловска Данева вели дека нападите и заканите се притисок врз независноста и интегритетот на судот.

– Поранешен пратеник и претседател на помала политичка партија, незадоволен од Одлука донесена од Уставниот суд, преку социјалните мрежи во континуитет објавува закани и навреди кон судиите, при што го има наведено моето име, најавувајќи убиство и слични противзаконите дејствија – изјави Павлоска Данева.

Во меѓувреме, Ибраимоски и денеска продолжи со критиките на Фејсбук против одлуката на Уставниот суд, а во неговите видеа и написи често го споменува името на Павлоска Данева.

Ибраимовски е лидер на Партијата за целосна еманципација на Ромите – ПЦЕР.

Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека претседателот на Уставен суд го пријавил лицето С.И.

„Денеска (24.06.2024) околу 12 часот претседателот на Уставниот суд Д.К. во Секторот за компјутерски криминал при МВР пријави закани по животот и безбедноста на судија на Уставен суд упатени од С.И. преку социјална мрежа“, се вели во соопштението.

Оттаму дополнуваат дека МВР веднаш презема соодветни мерки и овој случај ќе биде расчистен во најбрз рок.

УСТАВНИОТ СУДИЈА ЗАКАНИ ДОБИВАЛ ПРЕКУ ФЕЈСБУК Полицијата го откри сторителот, најавени се соодветни мерки

 

Поврзани содржини