ЗАКАНА ОД РУСИЈА, НЕИЗВЕСНА ЗАШТИТА ОД АМЕРИКА Европа се враќа на воените рокови

Соочена со воената закана од Русија и неизвесноста околу посветеноста на Соединетите Американски Држави кон одбраната на трансатлантските сојузници, Европа забрзано се обидува да ги зајакне одбранбената индустрија и капацитетите за распоредување на силите, откако драстично ги намали по завршувањето на Студената војна.

205

Франција неделава ќе стане најновата членка на Европската Унија што претставува планови за проширување на војската. Се очекува претседателот Емануел Макрон денеска да објави дека задолжителната воена служба повторно се воведува, иако на доброволна основа, речиси 30 години по укинувањето на регрутацијата.

Соочена со воената закана од Русија и неизвесноста околу посветеноста на Соединетите Американски Држави кон одбраната на трансатлантските сојузници, Европа забрзано се обидува да ги зајакне одбранбената индустрија и капацитетите за распоредување на силите, откако драстично ги намали по завршувањето на Студената војна, пишува „Гардијан“.






И покрај значителните загуби во војната против Украина, европските војски сè уште ја сметаат Русија за потенцијална директна закана во рок од 2cдо 5 години, наведува британскиот весник. Вашингтон јасно стави до знаење дека очекува од сојузниците од ЕУ да преземат многу поголем дел од грижата за сопствената одбрана.

Сепак, додека прашањето за инвестирање во воената индустрија е пред сè економско, дилемата како значително да се зголеми бројот на професионални припадници на вооружените сили е подеднакво и општествено прашање и доведува до жешки дебати во повеќе европски земји.

Фабиен Мандон, највисокиот француски генерал и началник на генералштабот на вооружените сили, минатата недела предизвика медиумска и политичка бура со изјавата дека земјата мора да биде подготвена „да ги изгуби своите деца“, бидејќи Русија „се подготвува за конфликт со нашите држави до 2030 година“.

Меѓународниот институт за стратешки студии (ИИСС) во неодамнешен извештај наведе: „Поголемиот дел од европските армии се мачат да ги исполнат целите за регрутација и да го задржат обучениот кадар, како и да обезбедат доволен број резервисти“.

Софија Беш, експерт за одбрана при Фондацијата Карнеги за меѓународен мир, изјави дека „сè поголемиот недостиг на воен персонал“ принудува сè поголем број западноевропски земји да разгледуваат различни модели на регрутација.

– Потребно е и да се интензивираат циклусите на обука за резервистите, што некои земји мораат да ги реактивираат во голем број. За земјите што немаат традиција на воена подготвеност, сето тоа претставува политички и општествено чувствителен предизвик. – рече Беш.

Неколку земји на ЕУ имаат некој облик на задолжителен воен рок, како нордиските и балтичките држави, каде концептот на „тотална одбрана“ претставува темел на военото размислување, а опфатот на регрутите се проширува.

Финска има еден од најголемите резервни состави во светот, заснован на општа задолжителна воена служба за мажи.

Шведска во 2018 година повторно воведе селективен воен рок – со задолжителна регистрација и за мажи и за жени, но и со строга селекција што зема предвид низа фактори, вклучувајќи физичка подготвеност и „спремноста на младите да служат“.

Данска во јуни минатата година го прошири системот на регрутација на жени и го продолжи времетраењето на службата од четири на 11 месеци.

Естонија има општа задолжителна воена служба за мажи, додека Летонија и Литванија, како и Данска, избираат регрути преку лотарија ако нема доволно доброволци.

Хрватска, која ја укина задолжителната воена служба пред 18 години, неодамна повторно ја воведе, додека Полска работи на план за обезбедување големи обуки за сите полнолетни мажи со цел да ја удвои големината на војската.

Иако неодамнешните анкети покажаа дека мнозинството во неколку европски земји, вклучувајќи ги Германија, Франција и Полска, поддржуваат некој облик на задолжителна воена служба, други земји засега го избегнуваат воведувањето регрутација.

Германската Влада овој месец, по жешка расправа, се откажа од воведување задолжителен воен рок и се одлучи за доброволен модел – но ако се покаже дека ни тој не привлекува доволен број луѓе, повторно ќе разгледа воведување задолжителна мобилизација на ниво на целата земја.

Неколку земји нудат бенефиции како парични бонуси, приоритетен пристап до работни места во јавниот сектор и места на универзитетите за доброволците во воената служба.

Воените команданти главно истакнуваат дека доброволците се попрофесионални и помотивирани од регрутите, но дека професионалните војски се скапи. Регрутите не само што ги пополнуваат редовите на активниот состав, туку обезбедуваат и широка база на потенцијални резервисти.

Сепак, истакнува „Гардијан“, задолжителната воена служба не е магично решение и може да биде контрапродуктивна.

– Во земји каде постои внатрешен отпор, задолжителната регрутација дури може да ја поткопа одлучноста на јавноста да ја зајакне националната одбрана. Најуспешните европски модели на регрутација денес во голема мера се потпираат на доброволен пристап – но вградувањето на спремноста за служба во население што нема скорешно искуство со задолжителна воена служба бара време и постојана внатрешна дебата – смета Беш.

Поврзани содржини