„ЗАИНТЕРЕСИРАНИ СМЕ ДА КУПИМЕ ДЕЛ ОД СОЛУНСКОТО ПРИСТАНИШТЕ“ Ковачевски вели дека продажбата на удели на МЕПСО е лажна вест

Прашањето го коментираше и вицепремиерот Фатмир Битиќи кој рече дека е добро да се слушне дека има интерес за инвестирање во нашите стратешки компании.

1,883

Интересот на грчкиот преносен оператор АПТО за купување удел во македонскиот електропреносен оператор (МЕПСО) за кој пишуваат грчките медиуми за премиерот Димитар Ковачевски е лажна вест, а за вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи само интерес на странска компанија за инвестирање во стратешка македонска компанија, а кој не се изјаснила владата.

– Оваа информација доминантно ја лиферуваат опозициските медиуми во државата, а и опозициската партија имаше прес-конференција. Се работи за неточни наводи и за лажни вести, а за тоа имаше соопштение и државната компанија МЕПСО која кажа дека ниту имаат разговарано, ниту разговара, ниту пак, преговара со кого било за продавање на нејзин дел – рече Ковачевски.






Тој нагласи дека станува збор за компанија во 100-процентна државна сопственост и додаде дека ни Владата нема водено никакви разговори за продавање на МЕПСО.

– Значи се работи за информација која е дезинформација во делот на МЕПСО и Владата – потенцира Ковачевски.

Откако му беше посочено за продажбата на удели од МЕПСО на грчкиот оператор Ковачевски рече дека тие имаат своја стратегија и дека тие може да имаат стратегија како што можеме да имаме и ние.

– Доколку тие сакаат да купат дел во некоја наша компанија тогаш и ние сме заинтересирани за купување на солунското пристаниште – истакна Ковачевски.

Тој потсети дека земјава има закупено капацитет во Гасниот терминал во Александрополис и дека не е сопственик на дел од терминалот.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека нема информација дека грчкиот електропреносен систем оператор е заинтересиран да влезе во МЕПСО, но рече дека е добро што има интерес за инвестирање во нашите стратешки компании.

– Не знам што пишувале грчките медиуми. Но, независно, убаво е кога различни компании се интересираат да инвестираат во државава зашто ја гледаат геостратешката положба на земјава и можноста што постои. Ние до денес немаме официјално добиено никаков предлог, ниту имаме преговори. Кажавме дека таква одлука нема на Влада, а секако, јас сум отворен и секогаш велам – сѐ што е добро за одржливост и за доброто на државата би требало да се разговара. Но, ова прв пат го слушам, немам таква информација. Не знам кому испратиле писмо. Јас сум дел од Владата, досега такво писмо и таков интерес нема, ниту имам направено такви разговори – рече Битиќи.

 

Поврзани содржини